СКАПИТЕ ЧАСОВНИЦИ ГО ИЗДАДОА ЃУКАНОВИЌ Антикорупционерите во Црна Гора му го мерат имотот
Агенцијата за спречување на корупција на 25 ноември утврди дека поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ не пријавил дел од својот подвижен имот – колекција рачни часовници што ги поседува, во вредност од околу 200.000 евра.
Како што е наведено во извештајот, Агенцијата испитала фотографии од некои црногорски медиуми направени за време на долгогодишните јавни настапи на Ѓукановиќ додека тој ја извршувал функцијата претседател или премиер на Црна Гора.
Фотографиите вклучуваат и рачни часовници од седум марки, од кои секоја, според наодите на дигиталните експерти, вреди помеѓу 8.000 и 59.000 евра.
Експертите за дигитални докази, како и економските и финансиските експерти анализирале фотографии на кои Ѓукановиќ носи часовници од „Franck Muller“, „Cartier Pasha“, „Brequet Tourbilion“, „Roger Dubius Excalibur“, „Rolex“, „Patek Philippe“ i „Cartier Moonphase“.
„За време на доказната постапка, агенцијата утврди дека фотографиите на кои поранешниот јавен службеник Мило Ѓукановиќ ги носи предметните часовници се автентични и дека тие не биле пријавени во ниту еден од горенаведените извештаи за приходи и имот како подвижен имот“, се наведува во образложението.
Во одговор до агенцијата во 2021 година, Ѓукановиќ изјави дека тврдењата за „прекрасно вредните часовници се израз на злонамерен сензационализам“.
Тој исто така изјави дека никогаш не поседувал некои од часовниците и дека го поседувал часовникот „Brequet Tourbilion“ „од 1990-тите како подарок од лице блиско до него пред да ја преземе јавната функција“.
Во Одлуката, агенцијата наведе дека не го прифаќа објаснувањето на Ѓукановиќ:
„Агенцијата не ги прифати произволните тврдења дека еден од часовниците бил подарок од претходен период, бидејќи не бил поткрепен со никакви докази, ниту пак постои таков модел на рачен часовник, според наодите и мислењето на експертот за дигитални докази“.
Мило Ѓукановиќ ги извршуваше највисоките државни функции од почетокот на 1990-тите.
Неговата партија, Демократската партија на социјалистите, ги водеше сите влади до 2020 година, кога ја загуби власта од трипартитната коалиција на прорускиот Демократски фронт, Демократите и движењето Ура.