СКАНДАЛОЗНО ВИДЕО СО ДИРЕКТОРОТ НА НЕВРОЛОГИЈА Кузмановски снимен со кокаин, Алиу го разреши, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа одлуката

Министерот за здравство веднаш го разреши директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски, по објавата на спорно видео на социјалните мрежи.

9,915

На социјалната мрежа Икс денеска се појави видео во кое се гледа директорот на Универзитетската клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски, како зборува за консумација на дрога. Во видеото, Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија и со асоцијации зборува за кокаин, додека разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.

– Ако е малце измешано одма ти го враќам, ќе ги фрлам, јас не можам со спидо и амфетамини да шмркам бело, само ако не е добро. Сакаш да го пробаш и да кажеш дали е добро? – му вели Кузмановски на соговорникот во дел од видеото.






Министерството за здравство преку соопштение информираше дека министерот Азир Алиу веднаш по увидот во видеото донел решение за разрешување на Кузмановски, кој на директорската позиција беше поставен во август оваа година.

Од Министерството посочуваат дека работата на Клиниката ќе продолжи непречено и дека ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури.

Од ВМРО-ДПМНЕ исто така го поздравија решението и потенцираа дека извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности.

– Ја поддржуваме одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен, институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури. Нема сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури. Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Случајот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде што граѓаните го осудија поведението на директорот и побараа транспарентно постапување од надлежните институции.

Поврзани содржини