РАЗРЕШЕНИОТ ДИРЕКТОР НА ОУ „ЛАЗО АНГЕЛОВСКИ“ СЕ ВРАБОТИ КАКО ИНСПЕКТОР Поседувал лиценца и ги исполнувал законските услови

Во скандалот, повеќе жени, вработени во училиштето „Лазо Ангеловски“ во Аеродром, но и мајки на ученици пријавувале и предупредувале на недолично однесување на директорот, а имало и сведочења за сексуално вознемирување.

11,664

Перо Арсеновски, откако беше разрешен од функцијата директор на ОУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром „поради недолично однесување“, сега е вратен на своето претходно работно место кое му било ставено во мирување.

Тој сега повторно е советник државен-инспектор за надзор во високото образование во Државниот просветен инспекторат.






Раководителот на секторот Африм Саљиу за Плусинфо ја потврди оваа информација, велејќи дека до оваа институција нема пристигнато никаков допис или правен акт за да се спречи Арсеновски и натаму да ја врши функцијата инспектор.

– Како што знаете, според законската регулатива работното место се става во мирување за избрано или именувано лице, а откако ќе заврши на мандатот, лицето е вратено на претходното работно место. Арсеновски пред повеќе од четири години беше избран да ја врши функцијата во ОУ „Лазо Ангеловски“, па по завршувањето на мандатот, тој беше вратен повторно во Државниот инспекторат – ни рече Саљиу.

Тој додава дека ниту до него, ниту до директорот на институцијата нема пристигнато никаков допис за ова лице кое претходно беше поврзувано со наводно негово недолично однесување, па поради тоа што поседува лиценца за инспектор, а и ги исполнува законските услови, во моментов е на работно место инспектор во oдделение за инспекциски надзор во високото образование, научните институти и студентските домови.

Иако Арсеновски бил повторно предложен да раководи со најголемото училиште во Аеродром, градоначалникот Тимчо Муцунски, како што информираше во февруари, „од етички и морални причини одби да го именува на таа функција, со цел заштита и одржување на угледот на училиштето, на наставниот кадар и на самите ученици“.

„За претходниот директор на ООУ ‘Лазо Ангеловски’ имаше бројни поплаки. Тој со своето однесување предизвика бурни реакции во јавноста и нанесе голема штета на училиштето во кое со децении наназад работат врвни професионалци. Децата се нашата иднина, а одговорноста е на сите нас да им обезбедиме безгрижно детство и најдобри услови за нивниот правилен раст, развој и квалитетно образование водено и спроведено од професионален и посветен кадар“ – соопштија тогаш од Општина Аеродром.

Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права лани информираа дека Граѓанскиот суд во Скопје утврдил постоење на насилство од директорот кон вработена во истото училиште при што вработената која заработила и отказ, издејствувала мерки за заштита од базирано насилство, како забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство; забрана за малтретирање, вознемирување и да врши семејно насилство врз неа; забрана за вознемирување и телефонирање; забрана да за вознемирување на членовите на нејзиното семејство, и двете малолетни деца.

Во скандалот, повеќе жени, вработени во училиштето, но и мајки на ученици пријавуваа и предупредуваа на недолично однесување на директорот, а имаше и сведочења за сексуално вознемирување.

Поврзани содржини