СКАНДАЛ ВО УЧИЛИШТЕ ВО КАВАДАРЦИ Наставничка и директорка фотографирале разговори на интернет на колешка и ги споделувале на другите колеги
Полицијата ги обвинува наставничката со иницијали В.Т.(47) и нејзината директорка М.Т.(52) за сторени кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем" и „злоупотреба на лични податоци".
Обидот да ѝ се умилкува на директорката со пренесување информации за разговорите на нејзината колешка на социјална мрежа ја одведе наставничка од Кавадарци во полиција. Сега таа и нејзината директорка ќе треба да докажуваат на суд дека се невини бидејќи полицијата поднесе кривични пријави за двете.
Полицијата ги обвинува наставничката со иницијали В.Т.(47) и нејзината директорка М.Т.(52) за сторени кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем” и „злоупотреба на лични податоци”.
Како што соопшти полицијата, В.Т., вработена како наставничка во училиште во Кавадарци, прво на 04 септември во една од училниците, на службен лаптоп го затекнала отворен приватниот профил на социјална мрежа на една колешка и ги фотографирала приватни разговори, со цел да ги пренесе на директорката М.Т.. Потоа успеала да ја пронајде и лозинката од профилот на оштетената, по што на петти и седми септември повторно неовластено фотографирала лични пораки на колешката и ги пренела на директорката. Во меѓувреме директорката ги препраќала пораките и на други колеги.
На 19 септември на наставнички совет што се одржал во училиштето, откако оштетената наставничка укажала дека непознато лице фотографирало нејзини приватни разговори кои се пратени до други лица, директорката М.Т. ѝ се заканила дека доколку пријави, сите пораки што ги поседува ќе ги испрати до други колеги.