СКАНДАЛ ВО ТУРСКИОТ ФУДБАЛ Суспендирани 149 судии поради обложување на натпревари
Фудбалската федерација на Турција суспендира 149 судии поради обложување на натпревари, додека се водат дополнителни истраги за уште тројца. Претседателот Хачиосманоглу најави дека нема да има милост за виновните.
Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Турција (ТФФ) објави денеска дека суспендирала вкупно 149 судии на период од осум до 12 месеци поради откриени случаи на обложување на фудбалски натпревари. Според официјалното соопштение, против уште тројца судии сè уште се водат дисциплински постапки.
Истражната постапка на ТФФ открила шокантни податоци од 571 лиценциран судија во турските професионални лиги, дури 371 имале отворено сметки во спортски обложувалници, а 152 активно се обложувале. Од нив, 22 судии, меѓу кои седум главни и 15 линиски, учествувале во судење на натпревари во турската Прва лига.
– Судењето е чесна професија и секој што ќе ја оцрни таа чест никогаш повеќе нема да учествува во турскиот фудбал – изјави претседателот на ТФФ, Ибрахим Хачиосманоглу, нагласувајќи дека Федерацијата ќе има нулта толеранција кон сите форми на измама и обложување во судиските редови.
Според дополнителните податоци, 10 судии се обложувале на повеќе од 10.000 настани, додека 42 судии уплатиле облози на најмалку 1.000 различни натпревари.
Иако не е утврдено дали некој од суспендираните судии се обложувал и на натпревари кои лично ги суделе, Федерацијата најави дека истрагата ќе продолжи сè додека не се расчисти целосно скандалот.
 
			