СКАНДАЛ ВО ШТИПСКИОТ ЗАТВОР Затвореници барале „топка“ со кокаин и со марихуана, а полицајците им светеле со батерии

„Очекувам адекватна санкција за сите инволвирани. Сѐ е документирано, а идентификувани се и лицата кои ја префрлиле топката со дрогата преку затворскиот ѕид“, рече директорот Пандов.

1,978

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, денеска на прес конференција откри дека во Казнено-поправната установа Штип затвореници без никакви потешкотии добивале наркотични средства, а во целата ситуација биле инволвирани и затворски полицајци.

Настанот бил целосно регистриран од надзорните камери во установата, а како што потврдија директорот на КПД Штип, Дејан Здравев, и неговиот заменик Ѓорѓи Хубев, видеоматеријалот јасно ја покажува целата постапка.






Според Пандов, на 22 март, во 21.40 часот, во затворот пристигнало возило кое не било евидентирано од затворскиот службеник М.Т., кој и покрај забраната, дозволил автомобилот да влезе до последната капија, што претставува директен пристап до внатрешноста на затворот.

Од возилото излегло едно лице кое фрлило топка преку ѕидот. Веднаш потоа во дворот пристигнале затворениците Ж.Ж., познат на македонската јавност, и Р.К. На снимката се гледа како Ж.Ж. зборува на мобилен телефон додека со другиот затвореник бара нешто во тревникот. Се појавува и затворски полицаец кој им вели дека не смеат да бидат надвор во тој период – изјави Пандов.

Според него, командирот Т.И. веднаш повикал уште петмина затворски полицајци: З.Г., Т.С., С.Ј., М.Т. и С.М. Но наместо да спречат или контролираат што се случува, тие се приклучиле на потрагата.

– Затвореникот Ж.Ж. продолжил да зборува на телефон, иако тоа е строго забрането. Се поздравил со полицајците, кои заедно со него и со светилки почнале да бараат низ тревникот. Тоа што најмногу загрижува е што наместо да го прекинат, му помагаат во потрагата – рече Пандов.

И покрај заедничката акција, „топката“ не била пронајдена веднаш. Следниот ден директорот на затворот издал наредба за детална проверка, при што конечно било откриено дека во топката имало 35 грама кокаин и околу 50 грама марихуана.

– Кога ги прашал полицајците и затворениците што барале, објаснувањето било апсурдно. Тврделе дека затвореникот Ж.Ж. си играл со кучката Цеца, а таа му го зела скапиот часовник што не го пријавил при влез во затворот. Кучката побегнала со него во тревата и тие само му помогнале да го најде – раскажува Пандов.

Формирана е Дисциплинска комисија, која и покрај доказите, донела одлука дека тројца од полицајците не се виновни. Тројца членови на комисијата гласале против санкционирање, верувајќи дека навистина барале часовник.

– Очекувам адекватна санкција за сите инволвирани. Сѐ е документирано, а идентификувани се и лицата кои ја префрлиле топката со дрогата преку затворскиот ѕид – рече директорот Пандов.

Поврзани содржини