СКАНДАЛ ВО НБА, УАПСЕНИ 34 ЛИЦА ПОВРЗАНИ СО „КОЗА НОСТРА“ Кошаркари и тренери заплеткани во мафијашка измамничка шема

ФБИ објави дека истрагата се водела повеќе од една година, при што биле следени паричните текови и откриени докази дека НБА-играчи биле користени за местење на натпревари и намамување на нови учесници во наместени покер игри.

598

ФБИ спроведе голема акција во Њујорк во која беа уапсени 34 лица, меѓу кои и поранешни и актуелни играчи и тренери од НБА, под сомнение за учество во нелегално спортско обложување и организирање на незаконски покер игри. Истражителите утврдиле дека групата имала директни врски со мафијата „Коза Ностра“ и со неколку од нејзините криминални семејства во Њујорк.

Според директорот на ФБИ, Кеш Пател, уапсените „создале коцкарски империи во соработка со мафијата“ преку местење на натпревари и покер игри, изнуда и банкарски измами, со што украле десетици милиони долари од жртвите.






– Без разлика дали сте тренер, играч или функционер во НБА – ако го прекршите законот, ние доаѓаме по вас – изјави Пател, додавајќи дека ова е само почеток на една поширока истрага.

Меѓу уапсените, американските медиуми ги наведуваат поранешниот кошаркар и актуелен тренер на Портланд Треил Блејзерс, како и Тери Розиер, бек на Мајами Хит, и Дејмон Џонс, поранешен играч и тренер во НБА. Тие беа изведени пред суд и пуштени со кауција, а ги негирале обвиненијата.

ФБИ објави дека истрагата се водела повеќе од една година, при што биле следени паричните текови и откриени докази дека НБА-играчи биле користени за местење на натпревари и намамување на нови учесници во наместени покер игри. Професионални спортисти, според сведошта, биле терани да напуштаат терени за да се исполнат облозите.

Во шемата, што траела од декември 2022 до март 2024 година, биле вклучени и компании за обложување кои, преку злоупотреба на доверливи информации од НБА, добивале огромни добивки. Мафијашките семејства ја контролирале логистиката, собирале пари од приходите и добивале процент од добивката.

– Ги следевме парите и стигнавме до јадрото на оваа криминална мрежа. Не се работи за морал, туку за прекршување на законите – изнуда, перење пари и измама – нагласи директорот на ФБИ.

Пател демантираше дека акцијата има политичка позадина или дека е дел од одмазда на претседателот Доналд Трамп кон левичарски настроените спортски кругови.

– Најглупавата работа што некогаш сум ја слушнал. Ние апсиме луѓе за криминал, не за ставови – изјави тој.

Истрагата продолжува во неколку американски држави, а ФБИ најави нови апсења во наредните недели. Според најавите, акцијата е дел од поширока операција за демонтирање на нелегалните коцкарски мрежи поврзани со „Коза Ностра“ и нивното влијание во професионалниот спорт.

 

 

Поврзани содржини