СКАНДАЛ ВО ГРАНИЧНАТА ПОЛИЦИЈА Oбвинение за 6 полицајци и две лица, за пари дозволиле престој на 7 странци со безбедносен ризик

Мрежа на корупција во граничната полиција, полициски службеници обвинети за примање поткуп и овозможување нелегален престој на странци.

2,741

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања поднесе Обвинителен акт против шест полициски службеници и две други лица поради сомнежи за корупција и злоупотреба на службената положба.

Од обвинителството информираат дека дел од обвинетите полицајци, во соработка со цивилни лица, примале пари за да овозможат незаконски престој или заминување на странски државјани од Македонија.






„Обвинението опфаќа серија случаи во кои полициските службеници ја злоупотребиле својата должност, со што го оштетиле и Буџетот на Република Северна Македонија“, соопштија од Јавното обвинителство.

Според доказите, првообвинетиот заедно со две лица за кои постапката е во прекин, влијаел врз полициски службеници да не извршат службени дејствија. За посредувањето примиле 900 евра, а на турски државјанин му било овозможено незаконски да се стекне со дозвола за привремен престој.

Еден полициски службеник, вработен на граничниот премин Долно Блаце, е обвинет и за примање поткуп. Тој индиректно побарал и примил 3.000 денари за да овозможи незаконски престој на турски државјанин.

„Двајца полициски службеници дополнително злоупотребиле патна исправа и регистрирале фиктивен влез во државата, што било услов за одобрување на привремен престој“, појаснуваат од Обвинителството.

Во обвинението се опфатени и случаи со државјани на Бангладеш и Непал. Виш инспектор за странци и реадмисија, од јули минатата година до април годинава, за седуммина незаконски одобрил привремен престој и покрај негативните безбедносни извештаи од АНБ.

„Со ваквите дејствија е загрозен безбедносниот систем на државата“, нагласуваат од обвинителството.

Истражната постапка започна во мај годинава, кога беа лишени од слобода 11 лица. Во меѓувреме, против едно лице постапката е запрена, против две е отфрлена кривичната пријава, додека едно лице е во екстрадиционен притвор во Србија, а по друго лице е распишана меѓународна потерница.

Поврзани содржини