СКАНДАЛ Владата уплатила над 7 милиони долари на фантомска фирма од Хонг Конг за кинеските вакцини – една вакцина би чинела 65 долари (ФОТО)

Според уплатата на 8 милиони долари, фантом-фирмата од Хонг Конг требало да ѝ ги продаде вакцините на Македонија за двојно повисока цена од цената за којашто ќе ги набави. ВМРО-ДПМНЕ поседува документ кој ја потврдува уплатата, истакна пратеникот Антонио Милошоски.

2,264

Додека другите соседни земји трчале по вакцини, премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче трчале по провизии, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој додаде дека неговата партија поседува документ кој докажува дека Министерството за здравство уплатило речиси 8 милиони долари на фантом-фирма од Хонг Конг.

– Според уплатата на тие над 7 милиони долари, фантом-фирмата од Хонг Конг требало да ѝ ги продаде вакцините на Македонија за двојно повисока цена од цената за којашто ќе ги набави. ВМРО-ДПМНЕ поседува документ кој ја потврдува уплатата. А ако Министерството за здравство не трчаше по провизии, а вакцинацијата почнеше уште во јануари, сметам дека барем 500 животи на наши сограѓани ќе беа спасени со подобра здравствена организација. Затоа, апелираме министерот за здравство да се посвети многу повеќе на решавањето на овие проблеми, да не трча по провизии и да спасува човечки животи. Економијата и човечките животи се најзагрозени во изминатите седум-осум месеци – истакна Милошоски.






На денешниот брифинг со новинарите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го прикажа документот на кој е наведено дека биле уплатени 7.8 милиони долари, поточно 65 долари по вакцина, а како уплаќач на пларите е заведено Министерството за здравство со кое раководи Венко Филипче.

– Трансакцијата е направена, а дали парите се вратени назад не знаеме – вели Мицкоски.

Документот што го објави ВМРО-ДПМНЕ

Претходно и Народната банка со документ потврдила дека имало уплата на средства на фирма посредник во име на Владата за набавка на кинеските вакцини, објави „Пресинг ТВ“, повикувајќи се на свои извори.

Со тоа се потврдува пишувањето на италијанскиот весник „Ла верита“, кој ја отвори целата афера околу обидот на македонската Влада да набави кинески вакцини преку фирмата посредник „Стабри“, што според весникот била регистрирана во Хонг Конг.

Од друга страна, пак, објавува „Пресинг ТВ“, Владата само делумно одговорила на барањата на ДКСК, која отвори предмет за набавка на кинеските вакцини. Владата до антикорупционерите ги испратила само документите со кои се потврдува легалната и директна набавка на кинеските вакцини, што државата ги очекува да стигнат во секој момент. Од засега непознати причини Владата не ја доставила документацијата за набавката на вакцините преку фирмата посредник. Образложението било дека штом зделката не била реализирана, тогаш нема ни потреба да ја доставува и бараната документација.

Но, според сознанијата на „Пресинг ТВ“, антикорупционерите инсистирале да ја добијат и таа документација.

Од Владата се очекува да одговори на прашањата чија била фирмата посредник, каде и кога била регистрирана, кога и на кој начин е стапено во контакт со неа, кога е извршена и колкава била уплатата.

Поврзани содржини