СКАНДАЛ ТЕЖОК 718 МИЛИОНИ ЕВРА Грција разби мрежи со фиктивни фактури

ААДЕ откри организирани мрежи со фиктивни фактури, најголемите злоупотреби во градежништвото и деловните услуги.

75

Инспекторите на Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ) во текот на 2025 година откриле 147 компании вклучени во организирани мрежи за фиктивни трансакции, со вкупна вредност од 718,1 милион евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од ААДЕ, преку издавање фиктивни фактури овие компании избегнале плаќање данок на додадена вредност (ДДВ) во вкупен износ од 143,5 милиони евра.






Фиктивните фактури биле регистрирани во повеќе економски сектори, меѓу кои градежништвото, трговијата на големо со храна и земјоделски производи, трговијата со облека и обувки, фармацевтски производи, метали, телекомуникациска и ИТ-опрема, малопродажбата на мобилни телефони, компјутери и аудио-видео опрема, како и услугите за трговско посредување и деловна поддршка.

Според официјалните податоци, најголем обем на нерегуларности е утврден во градежниот сектор и во услугите за трговско посредување, каде што износите на неплатен ДДВ достигнуваат десетици милиони евра.

Најголем број фиктивни фактури – 20.058, со вкупна вредност од 214,5 милиони евра, издале 37 компании од градежниот сектор, кои избегнале плаќање ДДВ од 50,2 милиони евра.

Во секторот за деловна поддршка и општи услуги, 26 компании издале речиси 9.800 фиктивни фактури во вредност од 97,7 милиони евра, при што не бил уплатен ДДВ од околу 20 милиони евра.

Дополнително, 14 компании од секторот за трговија на големо со храна и земјоделски производи издале над 7.000 фактури со вредност од 81,9 милиони евра, со што избегнале плаќање ДДВ од 11,7 милиони евра.

Поврзани содржини