СКАНДАЛ СО ИМОТНИ ЛИСТОВИ ВО ОПШТИНИТЕ Дури 234 советници не ја исполниле законската обврска, следуваат казни

Антикорупциската комисија покренува постапки против 234 општински советници од 61 општина кои не поднеле изјава за имотна состојба и интереси во законскиот рок.

155

Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска едногласно донесоа одлука да се поведат постапки против 234 советници избрани во општините во државава, кои не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси во законски утврдениот рок.

Како што образложи претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, анализата на електронската евиденција покажала дека околу една петтина од советниците во општинските совети не ја доставиле задолжителната изјава, што претставува прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.






Тој додаде дека во оваа бројка не се вклучени советниците од Општина Куманово, за кои, како што посочи, претходно е утврдено непочитување на обврската и за кои веќе се изречени соодветни прекршочни налози.

Според извршената анализа на Секторот за контроли при ДКСК, советници од 61 општина не ја доставиле изјавата, поради што Комисијата ќе постапува поединечно за секој предмет.

За лицата кои нема да го платат изречениот прекршочен налог во рок од осум дена, ќе бидат иницирани прекршочни постапки пред надлежната Комисија за прекршоци.

Чучуљ потсети дека ДКСК редовно објавува податоци за извршените контроли, повредите на законот и изречените глоби на својата веб-страница, па така и имињата на овие советници ќе бидат јавно достапни кога ќе започнат постапките.

Поврзани содржини