Скандал: ЈО три години криело извештај од израелските експерти од „Реизон груп”

Од 28.10 до 21.11. 2014 година, со точни часови и локација, израелските експерти посочиле места во близина на МВР, парламентот, Британската амбасада, каде што имало незаконско пресретнување на електронските комуникации.

3,912

Според извештајот кој денеска го презентираа јавните обвинители во предметот „Таргет-Тврдина”, на 01.10.2014 било доставено барање до „Реизон” за испитување на незаконски системи за пресретнување на електронски комуникации на територијата на Скопје и на целата држава.

Два месеци од страна на израелските експерти од „Реизон” била поставена специјализирана опрема и до крај на ноември, било вршено скенирање на терен.






Израелците го поставиле системот „Ароу селл” на 01.10, а бил отстранет 27.11.2014 година.

Според наводите во извештајот, бил користен уникатен детекторски алгоритам, кој укажувал дали алтернативен лажен оператор заменил некоја постоечка оперативна келија, дали преку тој клон била пресретнувана комуникација.

За целиот период на скенирањето била забележана 100% незаконска активност на системот за пресретнување преку ГСМ.

Во извештајот се наведени 11 датуми за подрачјето на Скопје. Од 28.10 до 21.11. со точни часови и локација, израелските експерти посочиле места во близина на МВР, парламентот, Британската амбасада.

Како пример Јавниот обвинител посочи дека Израелците навеле незаконска активност на 28.10 во 15:40 преку базната станица 15. После 35 минути, истиот ден ја навеле и базната станица 666. Истата таа базна станица на 29.10. предавала и друга листа на „соседи”.

После приказот, во извештајот е наведено дека додека работел активен систем, експертите оствариле повик што предизвикал моментално исклучување од операторот што, според нив  било јасен знак дека има незаконска активност за ГСМ пресретнување.

Прикажана е локација каде е детектиран незаконски активен систем, а Израелците навеле дека по нивното пристигнување во областа на активност, системот бил исклучен.

Израелците тогаш препорачале инсталација на офанзивни и дефанзивни системи за заштита.

Поконкретно, експертите препорачувале инсталација на три фиксни системи и еден мобилен, определен за таа цел. Израелските експерти сметаат дека со нив би се детектирале клонирани базни станици, а со мобилниот на микролокација би се детектирало точно од каде е активноста на нелегалната базна станица.

Во резимето на извештајот се нотира дека има најмалку еден незаконски систем, управуван од добро обучени професионалци.

Системот на израелските експерти е професионален и како што навеле, пресретнува повици и пораки. Покрај тоа, „Ароу селл” може да блокира сообраќај, да испрати смс порака, да прекине повици, да прибира телефонски податоци за идентификација имеи, имси, мссдн, да открие локација на телефон и да инсталира тројански код на телефонот.

На денешното рочиште остана дилемата зошто Јавното обвинителство цели три години криело ваков крунски доказ за истрагата за незаконското прислушување.

Како контрааргумент на израелските експерти, Јавното обвинителство за следното рочиште најави презентација на вештачење на извесен Кире Јаќимовски, изготвено во 2018 година, со што целиот предмет се сведува на спротиставените мислења на израелските професионалци и на непознатиот вештак Јаќимовски.

Поврзани содржини