Сизифовска борба со северномакедонски жиг
Во контекстот на географските одредници и придавските определби интересен е и примерот на зелката, еден од ретките производи кој придонесува Македонија да има некаков извоз во Западна Европа. На чуден и симболичен начин зелката продолжува да се „опира“ за дефинитивно да не и биде залепена етикетата „северномакедонска“. Скандинавските продажни синџири, по потпишувањето на Преспанскиот договор, долго време продолжија да го продаваат ова листесто растение на рафтовите со зеленчук како производ од Македонија, само со ознака македонска зелка.
Македонските дипломати во Норвешка, веројатно притиснати од премногу други обврски и ангажмани, „заборавиле“ дека не треба да ја употребуваат придавката северномакедонски. Деновиве им се случил мал „лапсус“ па во соопштение објавено на официјалната Фејсбук страница на Македонската амбасада во Осло напишале „… пијалаците од северномакедонски винарии …“
Со тоа им се придружија на бројните туристички агенции во Скандинавија, кои веќе подолго време нудат аранжмани за Северна Македонија во чии рамки е предвидена и посета токму на „северномакедонски винaраии“, а се рекламираат и викенд-тури за Скопје и разгледување на спомениците со „сцени од северномакедонската историја“.
Инаку, во Македонската амбасада во Норвешка, откако нивниот пропуст беше објавен во македонските медиуми, веднаш реагирале и си ја поправиле грешката.
Во контекстот на географските одредници и придавските определби интересен е и примерот на зелката, еден од ретките производи кој придонесува Македонија да има некаков извоз во Западна Европа. На чуден и симболичен начин зелката продолжува да се „опира“ за дефинитивно да не и биде залепена етикетата „северномакедонска“. Скандинавските продажни синџири, по потпишувањето на Преспанскиот договор, долго време продолжија да го продаваат ова листесто растение на рафтовите со зеленчук како производ од Македонија, само со ознака македонска зелка.
Тоа така потраја сè додека некои не се сетија, или додека некој „добронамерно“ не ги потсетил дека земјата на потеклото си го сменила името, па така на рекламните паноа над цената постепено почна да се појавува и географската одредница на земјата на потеклото, Северна Македонија, како и придавката изведена од името – „северномакедонска“.
Но заклучоците често ги извлекуваме зависно од тоа како ги толкуваме текот на нештата. Во Шведска неодамна во маркетите на компанијата „Ориентална куќа“, познат синџир за продажба на прехранбени производи од земји од Блискиот Исток, Азија и Балканот, над сандаците со зелка се појавија натписи на кои стои „Македонска зелка“, и, како дополнителен податок, „Потекло: Македонско“.
Дали сопствениците на оваа компанија се потрудиле да го простудираат Преспанскиот договор, се чини е небитно, па дури и да станува збор за вистински гест на добра волја, во смисла на правилно користење на одредбите што произлегуваат од него. Можеби сепак е најважно да се подвлече дека во зачестената пракса на употреба на придавкските определби „северномакедонски, -а, -о“, сè уште има и такви кои го прават тоа правилно, како во случајот на македонската зелка, без северномакедонски жиг, која овде ја посочивме за пример.
А праксата на „северномакедонизирање“ на „македонските работи“ во скандинавското секојдневие консеквентно напредува. Шведската новинска агенција ТТ во својата дигитална збирка на јазични и правописни правила, кои содржат препораки што ги користат не само нејзините новинари дописници, туку и поголем дел од шведските медиуми, под рубриката „Држава, жители и придавки“, кратко ја дава следната препорака за пишување: „Северна Македонија, жители: Северномакедонци, придавка: северномакедонски“. Шведските новинари често ги користат овие препораки кога се несигурни какви називи и имиња да користат во своите текстови.
Во Шведска не е е ретка ниту појавата на повеќе веб-страници на разни организации и институции, кои на граѓаните, или на своите членови, им нудат услуги во превод на разни јазици, да се понуди и превод на „северномакедонски јазик“. Благајната за осигурување во случај на невработеност, приклучена кон еден од најголемите шведски синдикати на работниците во градежништвото, од пред неколку години, меѓу преведените содржини на други јазици на својата веб-страница, им нуди информации на своите членови и на „северномакедонски јазик“.
При пребарување на зборот „северномакедонски“ (nordmakedonsk) во Данскиот академски речник се добива следниов резултат: „од југоисточната европска Република Северна Македонија (пред 2019 година едноставно наречена Македонија); што се однесува на Северна Македонија или на Северномакедонци“. А при пребарување на зборот Македонец (makedonier), резултатот е овој: „лице од Македонија (т.е. од републиката што во 2019 година го промени името во Северна Македонија, од регионот во северна Грција или од античкиот грчки пејзаж северно од Елада)“.
Со пребарување во Норвешкиот академски речник, зборот „северномакедонски“ (nordmakedonsk) се толкува вака: „што се однесува на Северна Македонија и на Северномакедонците“.
А еве што препорачува јазичниот совет, централен шведски државен орган за јазична политика, во своето толкување во однос на користењето на зборот „северномакедонски“: „Генерално при изразувањето на шведски е добро да се зборува за Македонци како народна група, а може да се зборува, на пример, и за македонска храна и култура, кога се работи за историскиот регион, а не за границите на сегашната држава. Може да функционира и да се користи терминот Македонци, како ознака за жители на Северна Македонија во контексти каде што тоа не може погрешно да се разбере, дека всушност се мисли на жителите на Северна Македонија. Но, како резидентна ознака, Северномакедонци, со придавката северномакедонски, секогаш е најнедвосмисленa. Главно затоа што појасно го опфаќа целото население кое покрај Македонците го сочинуваат и околу една четвртина Албанци“.
Според она што можеше да се прочита во некои македонски медиуми, вработените во македонските амбасади имаат обврска „секаде и во секоја пригода да реагираат на секоја несоодветна употреба на придавката „северномакедонски“. Добро е, во секој случај, што македонските дипломати, каков што беше наведениот случај во Осло, се подготвени барем самите себеси да се исправат и коригираат. А за останатото, односно да се заложат за сеопфатно информирање и „подучување“ на европската и светската јавност како да се користат придавките изведени од името на државата, договорено со Преспанскиот договор, се чини дека се исправени пред нешто што е понеизвесно дури и од тешка и макотрпна сизифовска борба.