И после две години од почетокот на пандемијата, државата не успеа да се организира и ПЦР тестирањето да го стави под државна контрола и на државен трошок. Во прашање е глобална пандемија и државата има обврска според закон да се справува со неа. И понатаму 70% од ПЦР тестирањата се случуваат во приватни лаборатории, за не мали пари и по тоа Нашата тажна земја е уникатна на Балканот и пошироко. Во државно официјално нема термини, но неофицијално проблем е недостатокот на доволен број ПЦР тестови. Во повеќето европски, но и соседни балкански држави, ПЦР тестирањето е бесплатно за сите граѓани, со тоа што има одредена квота на тестирања по граѓанин кои можат да се користат во текот на месецот.
Причината за ваквата состојба кај нас е чисто лукративна, бидејќи ПЦР тестирањето е вносен бизнис за приватните лаборатории, а тие гледаме дека никнуваат како печурки по дожд. Може само да претпоставуваме каква е нивната сопственичка структура и кој го собира кајмакот од овој пандемиски бизнис.
Ниту минатиот, а и овој министер за здравство не превземаат ништо за да го надминат овој сериозен проблем кој го оптоварува буџетот на граѓаните, а ќе повторам во услови на пандемија е законска обврска на државата. ПЦР тестирање за едно семејство чини од 6-10.000 денари. Она што исто така загрижува е што медиумите, или она што остана од нив, а не остана безмалку ништо, не вршат никаков притисок врз власта оваа состојба да се смени, туку на дневна основа се занимаваат со тривијалности и дневни евтини политички комбинаторики.
Да не споменувам дека државата требаше да се консолидира во овие две години и не само ПЦР тестирањето, туку и целокупниот третман на болеста (лабораториски крвни анализи, рентгени, д-димери, клексани, болничко лекување) да овозможи доволно капацитети и услови да биде на трошок на државата.
За ова пишував и на почетокот на пандемијата, пред повеќе од година ипол, но тогаш оправдувањето на дел од оние што коментираа беше дека државата е затекната од пандемијата и неспремна и дека со тек на време ќе ги земе работите под контрола. Ете и после две години, дијагностиката и третманот на ковид не е под контрола на државата и уште повеќе ситуацијата е уште полоша отколку на почетокот.
И за крај како заклучок. Нашата земја не е држава туку територија поделена меѓу мафијашки кланови и табори. Нема тука никаква есенција на државност и затоа секој од соседите како сака си игра со нас. За да ја сакаш, треба навистина многу да се потрудиш или евентуално многу да се опиеш.