СИТЕ ЗБОРУВААТ ЗА КОРЕЈСКО СЦЕНАРИО ВО УКРАИНА „Киев е во безизлезна ситуација, остануваат 2 опции“
Се предвидуваат неколку можни варијанти - првата е оптимистичка дека повторно се отвораат сите чешми за помош, и во финансиска и во вооружена смисла, што не само што би му овозможило на Киев да го запре рускиот напредок, туку повторно да размисли за контранапад. Другата варијанта се чини пореална...
Во сенка на растечката криза и на стравот од ескалација на конфликтот на Блискиот Исток, во Украина драмата трае, а според некои воени аналитичари, војната би можела да влезе во пресврт во втората половина на 2024 година, пишува новинарот и геополитички аналитичар Владо Вурушиќ за хрватски Јутарни.
Анализата ја спомнува поделбата на Украина според моделот на „Северна и Јужна Кореја“, нешто за што се пишуваше уште од почетокот на војната, како можно сценарио на „замрзната долга војна“, со оглед на актуелната состојба на фронтот.
Написот го цитира пензионираниот покловник Волфганг Рихтер кој вели дека парадигмата на Западот се сменила од „Украина може да победи“ во „не смееме да дозволиме Украина да изгуби“. Дополнително, помошта за Украина е во рацете на Републиканците во Конгресот во САД.
„Републиканците и нивниот претседателски кандидат, Доналд Трамп, повеќе се насочени кон помагање на Израел одошто на Украина, иако и Трамп донекаде ги ревидира своите ставови, велејќи дека ќе поддржи помош, но како заем за Украина“, се вели во статијата.
Дали ќе има ваква „замрзната разрешница“? Лани во ноември, пензионираниот врховен командант на НАТО, Џејмс Ставридис, за Блумберг изјави дека „поделената Украина би можела да биде економско чудо“, алудирајќи дека Западот би можел значајно да помогне да се обнови „прозападниот дел“ на таквата нова Украина.
„Операција Харков“?
Анализата на Јутарни лист ја спомнува можната голема опсада на градот Харков и неговата околина од страна на Русите оваа пролет како предвесник на лошите вести кои ќе доведат до Корејско сценарио.
„Имено, со освојувањето на Харков, Русите на некој начин би го создале она што Путин го нарече ‘санитарна зона’ кон Русија (иако Донбас беше анектиран и прогласен за Русија минатата есен), но тоа секако ќе има психолошки ефект врз Украинците. Сепак, и во тој случај има големи проблеми за Русите бидејќи за освојување на толку голем град потребна е голема сила – мобилизација на најмалку 350-400 илјади нови војници и ангажман на стотици тенкови и авиони. Тоа е тешко за постигнување и прашање е дали Русија има сила за тоа, особено што во тој случај треба да ги ‘ослаби нападите и одбраните’ во другите сектори на фронтот“, продолжува статијата на Јутарни.
Вурушиќ сепак, потсетува дека работите не се сјајни и на украинската страна. Според достапнитие анализи на украинската армија ѝ се потребни и до половина милион нови регрути:
„Харков беше град со над 1,7 милиони жители, а денес ги има помалку од половина милион. Но, во контекст на руските напади врз инфраструктурата на украинските градови, како и повремените украински напади врз цели во Русија (воени бази, складишта за муниција и рафинерии), ситуацијата на фронтот останува тешка. На украинската армија ѝ недостасуваат луѓе и муниција, особено артилерија, а според некои аналитичари, ѝ се потребни најмалку 400 до 500 илјади нови војници, што ја доведува земјата до работ на издржливоста, но и на толеранцијата“, се вели во статијата.
Откажување од територија – доброволно…
„Се предвидуваат неколку можни варијанти – првата е оптимистичка дека повторно се отвораат сите чешми за помош, и во финансиска и во вооружена смисла, што не само што би му овозможило на Киев да го запре рускиот напредок, туку повторно да размисли за контранапад. Станува збор за варијанта на која барем во овој момент ретко кој би се обложил“, пишува аналитичарот и додава:
„Другата варијанта, која се чини реална, е дека Украинците би морале ‘доброволно’ да се повлечат од некои области и да воспостават линија на одбрана која не смее да се премине. Изградбата на одбранбени утврдувања и ровови е веќе започната, така што позиционата војна треба да се издржи што е можно подолго, додека не се променат глобалните односи, што ќе ѝ овозможи на Украина повторно да започне со ослободителни акции. Но, тоа би било долгорочен план, бидејќи многу ќе зависи од евентуалната промена на власта во Белата куќа и повторното влегување на Доналд Трамп во Овалната соба, што, според сегашните очекувања, би било погубно за Киев“.
Корејско сценарио?
Анализата продолжува и го објаснува т.н. Корејско сценарио како „замрзнат конфликт“.
„Но, некои ‘злобни’ пророци, или „аналитичари кои стојат цврсто на земја“, веруваат дека предавањето на територијата и воспоставувањето фронт, т.е. ќор-сокак сличен на оној во Првата светска војна на Западниот фронт, всушност би било вовед во замрзнат конфликт, но со сѐ повеќе ‘шанси’ Киев да биде ‘наговорен’ да се откаже од дел од својата територија, Крим и Донбас, односно приближно 15-20% под услов Русија потоа да ја остави Украина на мир. Тоа би било создавање на таканаречено Корејско сценарио“.
Вурушиќ заклучува дека има неколку услови за ваквото „мировно решение“.
„Но, има неколку улови – замрзнатиот конфликт секогаш во себе носи микроб на нов конфликт, кој понекогаш може повторно да се разгори. Друго, дали Киев би се согласил на тоа, но и дали Москва би прифатила? Имено, и за двете страни, таа варијанта всушност би се сметала за неуспешна, односно пораз. Ниедна страна не би го добила она што го поставила како нејзина крајна цел. Тоа тешко би ги задоволило и двете страни, барем како што сега стојат нештата. Прашање е како би реагирала тамошната јавност, особено украинската, која е многу подемократска од руската и покрај војната, но дури и руската, иако е под сѐ посилна репресија, што создава ‘рамнодушна’ јавност и прифаќање на сè што му се сервира на народот“.
„Украина да се откаже од НАТО“
Главните услови, според написот на „Јутарни“ се Украина да се откаже од НАТО, но и од териториите во Донбас, како и од полуостровот Крим.
„Да не заборавиме дека Путин ги сфаќа „преговорите“ само како „потпишување на капитулацијата на Украина“ што, се разбира, потоа му дава поинаков шмек на целиот ‘опус’. Конечно, страната, која мисли дека може да победи, веројатно нема да се согласи да преговара, освен под свои услови. Иако можеби неважно, неодамна прорускиот словачки премиер, Роберт Фицо, изјави дека излезот е Киев да се откаже од Крим и од Донбас, како и од соништата за членство во НАТО. Републиканскиот претседателски кандидат, Доналд Трамп, исто така го пресмета крајот на војната како негова визија Украина да се откаже од дел од територијата“, продолжува статијата.
Сепак, анализата го става на маса тврдењето дека според некои процени Русија може да издржи да војува на овој начин и до 2027 година. Во тој случај, корејското сценарио станува излишно во овој момент:
„Но, прашањето е дали тоа, дури и да се согласат Володимир Зеленски и украинската јавност, ќе го задоволи Путин, кој можеби ќе побара повеќе бидејќи ќе ги научи слабоста и стравот на Киев. Во последните денови, Кремљ го поддржа кинескиот мировен предлог, кој е сосема општ и флуиден, а за месец и пол треба да се одржи ‘масовен’ мировен самит во Швајцарија, на кој околу 100 земји ќе учествуваат, но не и Русија, како ни Кина, па тешко е да се сфати дали тоа воопшто е применливо“.
Русија може да „издржи“ до 2027 година?
Вурушиќ прашува и дали проекциите на Западот дека санкциите кон Русија конечно ќе се почуствуваат во 2025 година се реални.
„Сите мислат дека војната може да трае со години. Подрастични промени би можеле да се почувствуваат во Русија – кои потоа директно би се одразиле на тамошната економија и би се одразиле во војната – само за околу година и пол до 2 години отсега. Имено, се претпоставува дека Русија, дури во втората половина на 2026 година или на почетокот на 2027 година, би можела да доживее драстичен пад на економијата и да ја почувствува исцрпеноста од војната. Имено, благодарение на воената индустрија, Русија бележи раст на БДП, но се смета дека тоа не е долговечно и дека првите проблеми би можеле да се почувствуваат уште во 2025 година, но не доволни за да доведат до рецесија. Русија во моментов не може да ја запре инфлацијата, а во 2025 година таа би можела да достигне застрашувачки размери, сметаат некои руски независни економисти“, се објаснува во написот на Јутарни.
Конечно, статијата вели дека војната е во одлучувачка фаза, а ситуацијата на Близок Исток само може да ги влоши работите за Украина.
„Ситуацијата многу зависи од продолжувањето на помошта на Западот за Украина, но и од развојот на ситуацијата на Близок Исток, бидејќи радикализацијата би довела до дестабилизација на енергетскиот пазар, особено на нафтата. Ова ѝ одговара на Русија која смета дека тогаш повторно би можела да ѝ ги диктира своите енергетски услови на Европа, односно Европа ќе мора да се помири со фактот дека Русија повторно ќе стане нејзиниот единствен достапен извор на енергија. Затоа, важно е ситуацијата на Блискиот Исток да не стане експлозивна“, заклучува Вурушиќ.