СИТЕ ЗАРИПНАВМЕ ОД ЛАЕЊЕ, КОРИДОРИТЕ БЕЗ ТЕНДЕР СИ ВРВАТ Како дотуркавме до „историскиот“ договор со Бехтел и Енка
За да се овозможи оваа зделка од 1,3 милијарди евра беше донесен посебен закон, по скратена постапка, на кој реагираше целата јавност и невладиниот сектор, укажувајќи за големите можности за корупција и нетранспарентност. Антикорупциската комисија го обжали пред Уставниот суд, но неуспешно. Владата е уверена дека со добар Комитет, во кој доминираат кадри на ДУИ, и добра надзорна фирма, нема да има никакви проблеми, но опозицијата и медиумите покренуваат непријатни прашања и за победниците на тој тендер за надзор.
Во Владата денеска беше потпишан договорот за коридорите 8 и 10 д помеѓу Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и конзорциумот „Бехтел и Енка“, откако Владата вчера го одобри проектот со кој се предвидува изградба на автопатишта од 110 километри, што ќе чинат 1,3 милијарди евра или 2 милиони евра по километар.
На настанот по овој повод се обратија премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми и генералниот директор за нискоградба „Бехтел“, Марк Алисон. Настанот е оценет како исклучително важен и историски. А како и секој историски настан, тој имаше своја богата „предисторија“. Да се потсетиме како дојде до овој проект и која е компанијата која ќе ги гради четирите автопати во Македонија.
Тендерите се компликација, директно си е ефикасно
Проектот се склучува без јавно наддавање, со директна спогодба, за што Владата во март 2021 година, потпиша Меморандум за соработка, откако претходно нашата земја ја посети поранешниот државен секретар на САД Вилијам Пери, овој пат во својство на правен консултант на Бехтел и Енка. Со овој меморандум беше договорено зделката да биде доделена со посебен закон, зашто државата воопшто немаше проектна документација за овие патни делници, и со меморандумот нивната изработка ја презеде самата градежна фирма. Затоа во овој момент не можеше да се каже и колкав ќе биде износот на проектот. Владата се одлучила за директна спогодба, а не за тендер, бидејќи праксата покажала дека до сега на тендери се бирале фирми кои немале капацитет да ги спроведат проектите. Владата објасни дека ќе се формира работни тело, дека ќе се избере надзорна фирма, која ќе го контролира секој дел од проектот.
На 16 јули 2021 година Собранието донесе посебен Закон (Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 163/2021). Овој Закон кој стапи во сила на 24 јули истата 2021 година. Законот беше предложен од пратениците Јован Митрески, Арбер Адеми, Сурија Рашиди, Кастриот Реџепи и се донесе по скратена постапка, користејќи го т.н. европско знаменце.
Опозицијата го бојкотираше гласањето. Претседателот Стево Пендаровски го потпиша и покрај реакциите и забелешките од страна на јавноста, невладиниот сектор, Антикорупциската комисија и од опозицијата. Кабинетот на претседателот ги упати сите што имаат сомнежи да покренат иницијатива пред Уставниот суд.
Невладина пена на уста
Носењето на овој закон беше пречекано со големо негодување и резерви во јавноста, со оглед на тоа што од потенцијалната зделка се исклучуваат сите други можни конкуренти и се ограничува слободната конкуренција, а останува можноста за еднострано формирање (ѕидање) на цената. Невладини организации алармираа за ризик од корупција во директната зделка со Бехтел и Енка за изградба на автопати. Центарот за граѓански комуникации, на посебна трибина, на која учествува повеќе организации и експерти, предупреди дека ексклузивните преговори со само една фирма за крупни инфраструктурни проекти носи сериозни корупциски ризици.
Освен тоа, беа нагласени и контроверзите што ги следат проектите на оваа исклучително моќна и огромна градежна компанија, посебно на Балканот, како што се во Хрватска, Косово и Романија, каде исто така компанијата влегла без тендер, со директни спогодби, што подоцна предизвикало проблеми и критики. Во Романија на пример, проектот никогаш не бил завршен, поради енормното зголемување на цената.
Атикорупциска немоќ, уставна моќ
Државната комисија за спречување на корупцијата го оспори овој закон пред Уставиот суд во јули 2021 година.
– Нема јавен интерес каде има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставени работите, а не вака од скратена по скратена постапка да се донесува закон во Собрание што е од многу важно значење за целата држава – рече тогаш претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Во образложението на мислењето на ДКСК за овој закон, меѓу другото, се велеше дека се крши со Устав загарантираната слобода на пазарот и на претприемништвото и обврската на државата да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и во директна спротивност со обврската на државата да презема мерки против монополската положба и однесување на пазарот.
Меѓу другото, од Антикоруциска посочуваат дека во законот постојат правни празнини кои оставаат отворен простор за субјективизам, арбитрерност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализамот.
Сепак, Уставниот суд на 10 декември 2021 година Уставен суд ја отфрли иницијативата на ДКСК, односно не покрена постапка без да даде детално образложение, а поднесувачите на иницијативата вознемирени бараат образложување од судиите.
– Без образложение од Судот останува сомнежот за корупција – порача претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска.
Да не биде сè толку црно, на 12 јули 2022 година Уставниот суд, на иницијатива на синдикатите, донесe одлука да поништи еден член од Законот, според која работниците на патните Коридори 8 и 10 можеа да работат и по 60 часа неделно, што е спротивно со нашите закони за работни односи. Односно, со специјалниот Закон се овозможуваше нашите закони да не важат за оваа зделка, што судот го оцени како противуставно.
Владата презадоволна, стокмен Комитет
Владата беше задоволна од ваквиот „учинок“ на Уставниот суд. Првиот вицепремир Артан Груби им честиташе на уставните судии, а надлежниот министер Благој Бочвараски рече дека Владата нема замерки и ќе извршува се што пишува во законот.
На 14 декември 2021 година се формираше Комитет за преговори и преговарачкиот тим за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8. За членови на Комитетот, покрај вицепремиерот Артан Груби, избрани се и вицепремиерите Љупчо Николовски и Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми.
Кога нема тендер, барем да има добар надзор
Постапката за избор на надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 се одржа на 15 септември 2022. На овој тендер учествува три фирми, Ингергруп консалтинг од Франција, како лидер на конзорциумот, ИРД инженеринг од Италија, како лидер на група понудувачи, здружен со Ептиса сервисис од Шпанија, и фирмите Електраконсалтинг и Евроконсалтинг, двете од Скопје, како членови на група понудувачи. Третата понуда беше од Хил интернешнал од Холандија како лидер на група понудувачи, здружен со Градежен институт Македонија АД Скопје. На овој тендер, тежок 22 милиони евра, беше избрана понудата на ИРД, со нејзините скопски партнери и шпанската Ептиса.
Со оглед на тоа што зделката е непосредна, а државата е изложена на милост и немилост на деловниот партнер, изборот на надзорот е од круцијално значење. Оттука, не е чудо што овој избор брзо стана предмет на интересирање на истражувачките новинари и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по што на виделина испливаа многу непријатни моменти за основачите на овие компании и за нивните зделки.
Незгоди со подизведувачи дури во Ерменија
Истражувачкиот портал Призма објави дека во дел од конзорциумот ИРД инженеринг, кој го доби тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10, се фирми во кои свој удел има и македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ, кој е под истрага на обвинителството во Ерменија за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“. Во Македонија, фирмата каде Димитријевиќ е еден од сопствениците е Евроконсалтинг, со Ептиса е дел од конзорциумот што ќе треба да прави надзор на изградбата на автопатиштата коишто ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Во однос на ова, се огласи и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој рече дека станува збор за „епски криминал од неколку милијарди евра“. Притоа, тој посочи дека Владата на 24 ноември 2020 година, кога вицепремиер е Артан Груби, заменик министер за финансии е Димитар Ковачевски, а премиер е Зоран Заев, го донела следниов заклучок:
„Сите државни институции, општини кои реализираат капитални инвестиции поголеми од 1 милион евра во денарска противредност да не ја ангажираат шпанската фирма Ептиса, од причини што истата неетички, незаконски и несоодветно постапила како надзор во поглед на првата фаза од изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце“ – наведе Мицковски.
Како е можно фирмата што е жигосана како сомнителна, да го добие тендерот за надзор на толку важен проект, праша Мицкоски.
Ковачевски одговори дека сите што се сомневаат во компаниите кои вршат надзор на конзорциумот Бехтел и Енка за изградба на Коридорот 8 и 10 треба да ги достават своите докази до Јавното обвинителство. Според него, Владата нема пристап до евалуација и проценка на документацијата и интегритетот на компаниите кои го надгледуваат проектот.
– Владата не врши евалуација ниту прибирање на документи по однос на компании, тоа го прави стручна комисија. Компанијата ИРД ќе работи заедно со американски Бехтел, а доколку има лица или подизведувачи за кои постои сомнение за нивниот интегритет од страна на кого било во државата, тогаш тоа може да го пријави во Јавното обвинителство – рече Ковачевски.
Опозицијата со рафална стрелба – надзорот е сомнителен
Но, ВМРО-ДПМНЕ ги продолжи нападите и денеска, во очи на „историскиот момент“ на потпишувањето на договорот со Бехтел и Енка.
„Ковачевски и Груби на Електра Солушн на скандалозен начин и обезбедиле тендер за надзор на изградбата на коридорите- смрди на матна зделка“ – објави денеска ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако е сомнителен бонитетот на компанијата Ептиса за надзор на изградбата на коридорите, тогаш втората партнерска компанија од конзорциумот е уште повеќе сомнителна. Дел од скандалозниот тендер од 22 милиони евра за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10 е и компанијата Електра Солушнс на Андон Ампов. Оваа компанија лиценцата за вршење на должноста ја добила на 03.10.2022 година, само 3 недели по распишувањето на јавниот повик за избор на надзор. Тоа само покажува дека оваа компанија нема никакво искуство, а добива толку голем тендер. Ковачевски и Груби кумувале на овој скандалозен тендер за Електра Солушн. Имајќи во предвид дека рокот на тендерот е продолжуван логично се поставува прашањето дали тоа е направено со цел да се формира конзорциумот во кој влегуваат двете сомнителни компании, Ептиса и Електра Солушн.
Патем Електра Солушн на Андон Ампов го „наследува“ вносниот бизнис од Институтот за патишта од Велес на неговиот татко Сотир Ампов, кој прв го доби надзорот, па беше поништен заради наводна поврзаност со руски капитал. Останува енигмата зошто толку запнала владата да го ангажира семејството Ампови во проектот за коридорите вреден 1 милијарда евра. Овде не мириса, туку смрди на матна зделка’’ – пишува ВМРО-ДПМНЕ.
Ништо не може да ја поколеба „историјата“
Критиките од јавноста и од опозицијата ни за момент не ја поколебаа владата. ДУИ, втора партија во Владата, која се однесува како носител на овој проект, денешниот ден го нарече „историски“. Таа му го честита на Комитетот за преговори за изградба на Коридорот 8 и 10Д за финализирање на преговорите за изградба на овој историски проект.
„Реализацијата на најголемата капитална инвестиција во историјата на Република Северна Македонија ќе придонесе не само за патната инфраструктура и нејзина модернизација, туку и за квалитетот на животот, економијата на земјата, како и за поквалитетно патно поврзување со соседните земји и со меѓународните коридори. Демократската унија за интеграција им честита на граѓаните за ова историско достигнување.
Големиот проект Коридор 8 ќе се протега во должина од 68 километри со автопат со шест ленти што ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево и Струга до Ќафасан додека Коридорот 10-Д ќе ги поврзува Прилеп и Битола, како проект кој ќе се протега во должина од 40 километри со шест ленти, а периодот на реализација на проектот е 6 години од почетокот на работите.
Големиот сон конечно се остварува!“ – се вели во соопштението на ДУИ.