СИТЕ ЗАКОНИ ОД РЕФОРМСКАТА АГЕНДА СЕ ПОДГОТВЕНИ Меѓу нив и законот за судски совет и за јавно обвинителство

Ние нема да дозволиме реформите да бидат жртва на дневна политика или бирократска инертност. Затоа ќе повторам: реформите не се желба, туку одговорност. И Министерството за правда таа одговорност ја носи до крај, потенцираше министерот за правда на прес-конференција.

538

Сите закони од Реформската агенда се подготвени, а некои се во завршна фаза на усвојување, откри министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција.

– Законите се тука, подготвени, доставени, транспарентно објавени. Ние нема да дозволиме реформите да бидат жртва на дневна политика или бирократска инертност. Затоа ќе повторам: реформите не се желба, туку одговорност. И Министерството за правда таа одговорност ја носи до крај – потенцираше министерот.






На новинарско прашање поврзано со препораките на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР кои се однесуваат на измени во Изборниот законик најмалку шест месеци пред одржување на изборите, Филков изрази надеж дека во наредните две недели политичките чинители ќе имаат волја и расположение да седнат на маса.

– Мислам дека има време во наредните две недели да седнеме доколку има расположение и политичка волја од страна на сите политички чинители. Можам да говорам во мојот дел како министер за правда и во дел на политичката партија која ја претставувам – рече Филков.

Филков беше прашан и за тоа дали Министерството за правда ќе ја чека одлуката на Уставен за оценка на уставноста на одредбата од еден отсто од запишаните избирачи за кандидатура на независни советници и градоначалници или ќе се интервенира во Изборниот законик конкретно за таа одредба, за што тој кусо одговори дека ќе се чека одлуката на Уставен.

За тоа дали со измените е опфатена промена за земјава да стане една изборна единица, министерот рече дека досега тоа не било предмет на разговори.

Законите од Реформската агенда кои се подготвени се: Предлог Закон за судски совет, Предлог Закон за јавно обвинителство,  Предлог Закон за платите на јавните обвинители, Кривичен законик, Предлог Закон за кривична постапка и Предлог Законот за судска служба, беше објаснето на прес-конференцијата.

Во план и подготовка се и Предлог Законот за судски буџет, Предлог Законот за Советот на јавни обвинители, Предлог Законот за јавнообвинителска служба, Измени на Изборниот законик, со поддршка на ОДИХР, Закони со кои се регулираат платите на судиите, јавните обвинители, и јавно обвинителската служба, Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, акон за помилување, Закон за вештачење, Закон за нотаријат, Закон за извршување, Закон за пробација, Закон за извршување на санкции, Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, Закон за заштита на лични податоци.

Поврзани содржини