СИТЕ УЧИЛИШТА ВО АЕРОДРОМ ИМААТ ФОТОВОЛТАЦИИ Општината штеди струја за да има настава во школите
Сите основни училишта беа опремени со фотоволтаици со што се зголеми нивната енергетска независност и значително се намалија трошоците, а неколку училишта добија енергетски ефикасни фасади.
И покрај пречките од централната власт, општина Аеродром ќе обезбеди настава со физичко присуство, соопшти Општината.
„И покрај немањето слух на централната власт за проблемите со кои се соочува локалната самоуправа, а за што говорат и намалените дотации и трансфери во време на сериозна енергетска и економска криза, Општина Аеродром останува цврсто на ставот дека неопходно е учениците да останат во училишните клупи. Секоја одлука спротивна на ова негативно ќе се одрази на целиот образовен процес“, с енаведува во соопштението од Општината.
Оттаму велат дека ќе ги преземат сите неопходни чекори со цел младите да можат да посетуваат редовна настава и да не се загрози образовниот процес.
„Вклучително и преземање на целиот товар кој ќе произлезе од трошоците за обезбедување настава со физичко присуство, доколку од страна на централната власт биде наложено“, додаваат од Општината.
Оттаму потсетуваат дека општина Аеродром веќе презема сериозни мерки за штедење електрична енергија.
„Сите основни училишта беа опремени со фотоволтаици со што се зголеми нивната енергетска независност и значително се намалија трошоците, а неколку училишта добија енергетски ефикасни фасади. Учениците и непреченото одвивање на наставата со физичко присуство се наш врвен приоритет, а општината Аеродром останува цврсто посветена во обезбедувањето соодветни услови за настава и згрижување на најмладите“, додаваат од Општина Аеродром.