СИТЕ СМЕ ЖРТВИ НА „ЧИЧКО ГУГЛ“ Научниците открија нов психолошки феномен кај луѓето

Дали некогаш ви се случило да погледнете во часовникот, а потоа кога некој ќе ве праша колку е часот, не можете да се сетите и повторно гледате во часовникот? Ако се наоѓате во овие зборови, тогаш и вие сте жртва на т.н „Гугл-ефект“.

624

„Гугл-ефектот“ е психолошки феномен кој може да се објасни како потешкотија при паметење едноставни информации кои штотуку сме ги дознале, иако за нас не претставува проблем да се сеќаваме на комплицирани информации од минатото до кои сме дошле на потежок начин.

Психолошкиот ефект за кој зборуваме е именуван по популарниот пребарувач Гугл, кој ни овозможува брз и лесен пристап до голема количина информации. Сепак, тоа не се однесува само за него, туку и за сите корисни технолошки уреди, апликации и страници, поради што веќе не мора да се сеќаваме на толку многу работи како порано, пишува порталот Б92.






Во ерата пред мобилните телефони, луѓето ги знаеја напамет телефонските броеви на членовите на нивните семејства и на блиските пријатели, додека денес тоа генерално не е случај. Се помнеа и родендените на пријателите, што денес не е потребно, бидејќи Фејсбук нѐ потсетува на овие важни датуми.

Проблемот се појавува, сепак, кога, поради лесната достапност на информации, стануваме мрзливи затоа што нема причина да го „тренираме“ нашиот мозок на „традиционален начин“, со запомнување на релевантни податоци, а тоа може да доведе до губење на фокусот и слаба концентрација, тоа доведува и до послаба, краткотрајна меморија.

Ова е токму она што истражувачите на човечкото однесување го дефинирале како „Гугл-ефект“.

Во една од студиите, што го докажале овој феномен, учесниците во експериментот биле поделени во две групи и од нив било побарано да прочитаат 40 интересни факти за нашиот свет.

На првата група ѝ било кажано дека дадената информација ќе биде достапна на компјутерот веднаш откако ќе ја прочита, додека на втората група ѝ било кажано дека ова е прв и последен пат кога ќе ги види истите информации во таа форма.

Откако учесниците ги проучиле фактите од списокот, истражувачите одлучиле да ја тестираат нивната меморија. Се испоставило дека втората група на луѓе биле во можност да се сетат на неодамна прочитаните факти, но не и оние кои биле информирани дека ќе можат да ги прочитаат истите информации подоцна на компјутерот.

Што ни останува да направиме за да не станеме жртви на „Гугл-ефектот“?

Психолозите препорачуваат три стратегии за справување со овој проблем и зајакнување на краткотрајната меморија.

Тие велат дека кога имаме време, треба да ги бараме посакуваните информации на потежок начин или со барање во енциклопедии и други книги, или со контактирање на луѓе кои го поседуваат даденото знаење.

Друга препорака од психолог е да се започне со пишување белешки, но само со молив на хартија, а не преку апликации. Овој процес ќе нѐ забави доволно и ќе ни овозможи навистина да се сконцентрираме на она што го правиме.

Третиот предлог на експертите е дека понекогаш намерно треба да правиме паузи во користењето на нашите гаџети, особено кога сме далеку од дома.

Поврзани содржини