Сите сме во шахтата!
Како може земја во којашто цути криминалот и корупцијата во највисоките редови на власта да биде „доверлив“ партнер“, како можат две велесили како САД и ЕУ да имат доверба во власт каде што нема слобода на говорот во медиумите, каде не се почитува волјата на граѓанинот, како можат да бидат партнер со политиканти кои си ја ограбуваат земјата, а народот го обвинуваат дека не гледа каде оди…?
Колку голема вистина има во зборовите на Меџити дека неговата партија „се трансформира во нешто што и ние што сме од почеток не можеме да го препознаеме“. А што ние да кажеме, ние кои сме родени во оваа држава пред многу децении, а денес не можеме да си ја препознаеме земјата!? И како да им веруваме – како што вели тој – на истите луѓе коишто не само пет години не можат да направат пат Скопје-Блаце од 14 километри, туку цели триесет години нѐ реформираат и интегрираат во ЕУ? Но, нѐ прашува некој? Борел, фон дер Лајен, Ескобар…? Не, се разбира.
Тие добро знаат дека одамна сме во шахтата – онаа на охриѓанецот Џепаровски – и дека нашиот глас од длабоката шахта не допира надвор. Недостасува уште да го стават капакот на неговото место и целосно да нѐ замолкнат. (И Арсовска да израмни околу, се разбира!). Но и тоа ќе дојде, за некоја година! А спомнатите погоре ќе продолжат во извештаите за оваа земја да пишуваат „за нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во одредени затворски одделенија, насилство и закани за насилство врз новинари, сериозна владина корупција, недостиг на одговорност за родово и семејно насилство и насилство и закани кон ЛГБТ популацијата…“ итн., но едновремено ќе говорат дека сме „доверлив“ партнер“ и слични будалаштини.
Како може земја во којашто цути криминалот и корупцијата во највисоките редови на власта да биде „доверлив“ партнер“, како можат две велесили како САД и ЕУ да имат доверба во власт каде што нема слобода на говорот во медиумите, каде не се почитува волјата на граѓанинот, како можат да бидат партнер со политиканти кои си ја ограбуваат земјата, а народот го обвинуваат дека не гледа каде оди…? Зарем и тие нешта можат да ги сведат на политика и зделка? И кој денес воопшто прави зделки со криминалци и корумпирана власт?
Затоа и прашањето: дали оние „административни бракови“ на коишто посочува последниот извештај на Стејт департментот за Македонија, не се однесуваат – во глобала – и на некакви кримогени меѓународни бракови помеѓу власта во Македонија и нејзините „стратешки партнери“ во редовите на меѓународната заедница? Но зошто тој нивни брак од интерес би нѐ обврзувал баш сите? И зарем тој тип „брак“, или сојуз, за жал, не говори многу за сите инволвирани страни? И што сме ние како држава во овие бракови? Невестата со чеизот? И што е чеизот?
Но, од друга страна, нашиот брак од интерес со онаа фамозна „творба“ на уште пофамозниот Моне – односно, да бидам посправедлив, на овие негови потомци – започна и еве завршува на стаклени недемократски нозе. Токму како – зделка, но со непознат чеиз! А можеби можеме да се извлечеме подобро, со помал чеиз? Зашто, очигледно е веќе, и Европа е во шахта. Новиве насилници го затворија нејзиниот слободарски/демократски дух во многу слична шахта како нашава, иако можеби малку покомотна и не толку смрдлива. Ама шахта е – шахта. Прашајте ги парижаните каде смеат да протестираат против мерките на нивната власт! Или зошто, помеѓу другото, се случи Брегзит? Заради големата доверба во демократските капацитети на ЕУ?
Европските скандали не само што ја поткопуваат демократијата туку чинат и многу пари, вели Camilla Barlyng, експерт за меѓународен криминал. Или поконкретно, помеѓу 179 и 990 милијарди евра годишно само во ЕУ! На пример, скандалот со Danske Bank и Nordea (2015), проценет на околу 200 милијарди евра; пропаста на Banco Espirito Santo во Португалија заради перењето пари во Португалија и Бразил (2014); таканаречената Cum-Ex scheme на даночни махинации на повеќе европски банки (2017); дизел скандалот на Фолксваген итн. И тоа е само врвот на „ледениот брег“. И таму политичарите не одговарале за овие криминали, како впрочем и овде. Следствено, изгледа ли сега пологична соработката помеѓу овие две сметководствени бироа, нашето и нивното? Па и шахтите, for that matter?
Следствено, кога нашиот „стручњак“ за Европа – во слободно време вицепремиер – вели дека мораме да побрзаме со уставните измени бидејќи веќе следната година во ЕУ ќе има избори за нов ЕУ парламент, па за нов ЕУ совет и др., мора да му веруваме. Но, и кај нас ќе има избори, нели? Или… овие ќе добијат нов мандат од Борел и Ескобар, бидејќи овој народ овде е глуп, туп и постојано – греши? Ама: не грешеше во 2016, нели? (Иако, де факто, навистина згрешивме, ама и се покајавме, нели?).
Но, зошто нашиот „стручњак“ го засегаат изборите во ЕУ? Да не би да дојдат некои малку, барем малку поумни политичари, подемократски настроени и подборонамерни, па нашава автократска папазјанија да се најде во чудо? И да завршат некои „бракови“? Или такво нешто не може да се случи? Па ќе се склучат нови, по ѓаволите. Ама, којзнае, нели? Ако навистина фон дер Лајен, Борел, Вархеи… и Радев се врвот на европскиот интелект, тогаш навистина немаме што ново да очекуваме. Но, сепак, една мала резерва не е на одмет, нели?
Од друга страна, избори доаѓаат и во други важни за нас земји, а и геополитичките поместувања стануваат сѐ поинтересни. Оттука, во нашево брзање по стапот, или морковот, сеедно, има нешто чудно. Впрочем, нели политиките во ЕУ се гранитни, неотповикливи? Зошто тогаш нервоза, дури страв? Се разбира, некој ќе го нарече цинично хипотетичен овој вид говор, ама и тој е дел од политичките собитија. И не е нереален. Инаку, чуму ваква итност? Таа брзина во разрешувањето на некои клучни прашања за иднината на земјата никогаш не е добра опција. Напротив!
Но, да се вратам на шахтата – охридската, париската, бугарската… – или некоја друга: кој веќе утре ќе биде одговорен за поголемата отворена шахта во којашто ќе пропадне државата? Таа шахта (ќе) голта сѐ, па и оние кои ја оставиле отворена. Или и тогаш ќе излезе онаа госпожа „за добро владеење“ – и таа вицепремиерка во слободно време – и ќе нѐ утеши дека тие не можеле сѐ да објават, не може сѐ да биде видливо. И ќе го спушти капакот?
И дали и спуштањето на капакот на шахтата ќе биде со зурли и тапани, како „државен спектакл“ сличен на најавениот при започнувањето на работите на фамозните коридори од милијарда евра?!?
Извор: Теодосиевски уметност