СИТЕ ПАТИШТА ПРООДНИ И ПО СНЕГОТ Николоски информира дека механизацијата е целосно ангажирана

Вицепремиерот и министер за транспорт од терен порача дека и покрај снегот нема блокади, но апелира до возачите за зимска опрема и одговорно возење.

442

Сите државни патишта во моментов се проодни и никаде нема застои, и покрај обилните снежни врнежи, информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на терен во близина на селото Скудриње.

Николоски посочи дека активно се расчистуваат два клучни патни правци – кон Косоврасти и кон Маврово, каде што механизацијата постојано е на терен.






– Во функција се ставени сите камиони и механизација со кои располага Македонија пат, а дополнително помагаат и приватните компании кои се ангажирани за расчистување на снегот. Благодарност до вредните екипи кои деноноќно работат за патиштата да останат проодни – изјави Николоски.

Тој нагласи дека состојбата на патиштата на ниво на целата држава е стабилна, но апелираше до граѓаните да бидат особено внимателни при возење, поради зимските услови.

– Апелирам до сите возачи да ја прилагодат брзината на условите на патот, задолжително да користат зимски гуми и, каде што е потребно, да имаат и дополнителна опрема како ланци, со цел сообраќајот да биде безбеден – истакна министерот.

Според најавите, снежната состојба се очекува да продолжи и во наредните денови, поради што надлежните служби ќе останат во постојана координација за навремено реагирање.

Николоски увери дека целта е сообраќајот да се одвива непречено, особено по празничниот период, за граѓаните и стопанството да функционираат без проблеми.

– Уште еднаш апелирам за одговорно возење и почитување на правилата. Благодарност и честитки до сите екипи кои работат 24 часа за справување со снежните наноси – додаде тој.

Поврзани содржини