📽️ НА ПОВРЕДЕНИТЕ ЌЕ ИМ БИДЕ ПОДОБРО ДА СЕ НА ПЛАНИНА ВО ЛЕТНИТЕ МЕСЕЦИ Пациентите се поделени во 5 групи, а 16 од нив се во најтешка состојба
Рехабилитацијата на „Пониква“ ќе се одвива во групи, кои ќе се менуваат на две недели. На локацијата ќе има четворица физиотерапевти, медицински сестри, лекар, како и психолози и психијатри. Сите пациенти ќе бидат повикани да дојдат.
Рехабилитацискиот центар на Пониква ќе биде технички подготвен до крајот на неделата, а оперативниот план е во завршна фаза. Рехабилитацијата ќе се спроведува во групи, во циклуси по две недели, изјави портпаролката на Владата Марија Митева, денеска на прес-конференција на која присуствуваа Катерина Мирчовска, новата директорка на болницата во Кочани и д-р Гордана Георгиева.
– Сакам да информирам дека телефонската линија која ја објавивме како Влада има силен одѕив. До овој момент, канцеларијата на претседателот на Владата има остварено директен контакт со 109 лица кои ги имаат споделено своите предлози и барања – рече Митева.
Според неа, најголемиот дел од јавувањата се поврзани со здравствени прашања, односно дополнувања и потреби кои граѓаните ги имаат во моментот или за кои очекуваат дека ќе станат неопходни во блиска иднина.
– Ја користам оваа прилика да ги охрабрам сите останати кои се чувствуваат засегнати, отворено и без задршка да го сторат истото – да се обратат, да споделат, да постават прашање. Секоја информација е важна, секој глас е слушнат од наша страна, за што ќе следи институционална, но и човечка поддршка – додаде Митева.
Присуството на докторките Мирчовска и Георгиева, како и темите што беа отворени, укажуваат на важноста што Владата ѝ ја придава на директната комуникација со граѓаните, особено кога станува збор за здравствени прашања.
Доктор Катерина Мирчовска, новата в.д. директорка на кочанската болница, пред новинарите изјави:
– Сакам да им се заблагодарам на кочанската јавност и на сите пациенти кои ми дадоа доверба. Сите повредени се како мои деца и се надевам дека ќе имаме и понатаму добра соработка до целосно нивно закрепнување.
Таа се осврна на планот за рехабилитација во одморалиштето на МВР во Пониква:
– Пациентите ќе имаат потреба од дополнителна рехабилитација во летните месеци, кога температурите се високи, што бара ангажман и на цели семејства. Затоа решивме тоа да се реализира на Пониква. Тука ќе имаат и ресоцијализација и психолошка поддршка, а ќе им се обезбеди медицинска нега 24 часа.
Рехабилитацијата ќе се одвива во групи, кои ќе се менуваат на две недели. На локацијата ќе има четворица физиотерапевти, медицински сестри, лекар, како и психолози и психијатри.
– Во план е сите пациенти да бидат повикани да дојдат на Пониква. За оние што нема да можат, ќе се користи просторија во болницата во Кочани, а таму ќе функционира и одделот за физикална терапија за оние што се враќаат од лекување од странство или од Скопје – додаде д-р Мирчовска.
Д-р Гордана Георгиева од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија информираше дека во периодот од 20 мај до 10 јуни евалуирани се вкупно 167 пациенти поврзани со пожарот во Кочани. Петмина сè уште се лекуваат во странство, а осум лица не се евалуирани поради престој надвор од земјата.
– Здравствената состојба на пациентите се оценуваше врз база на анамнестички податоци, клинички преглед и медицинска документација. Се земаше предвид тежината на повредите, моменталната состојба, потребата од рехабилитација и понатамошни оперативни зафати – истакна Георгиева.
Пациентите се класифицирани во пет групи.
Во првата група која опфаќа пациенти во најлесна форма спаѓаат 36 пациенти, во група 2 се 49 пациенти, во група 3 се 41 пациент, во група 4 се 25 пациенти и во група 5 (најтешка форма) се 16 пациенти.
– Сите имаат насоки за понатамошно следење и лекување. Потребен е мултидисциплинарен пристап. Во план е да се направи повторна евалуација во одреден временски период за навремено препознавање компликации – додаде Георгиева.
Портпаролката Митева подвлече дека институциите ќе продолжат со одговорно и транспарентно информирање за сите активности поврзани со трагедијата во Кочани.