СИТЕ ОБВИНЕТИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ СЕ ИЗЈАСНИЈА ДЕКА НЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ВИНОВНИ Повеќето изразија сочувство за загинатите

Првообвинетиот Дејан Јованов познат како Деко прв се изјасни дека не се чувствува виновен за кривичното дело што му се става на товар.

0

Сите 35 обвинети за пожарот во Кочани денеска се изјаснија дена не се чувствуваат виновни според наводите на обвинението.

Првообвинетиот Дејан Јованов познат како Деко прв се изјасни дека не се чувствува виновен за кривичното дело што му се става на товар.






Второобвинетиот Митко Стојанов рече дека искрено жали за загинатите и за болката на родителите и кога би можел животот би го дал на местото на загинатите. Тој додаде дека не се чувствува виновен.

Исто се изјаснија и третообвинетиот Михаил Јованов и четврообвинетиот Гроздан Милковски.

Архитектката Милка Едровска рече дека не чувствува вина.

– Сакам да изразам сочувство до родителите. И јас ја имам истата болка – рече таа.

На првото рочиште Едровска рече дека по обвинението нејзината ќерка загинала во сообраќајна несреќа. На изјавата на Едровска и на првите четворица обвинети, родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ негодуваа и дофрлаа. Судијката им рече дека ја разбира нивната болка и им наложи да бидат тивки, за да има ред во судницата.

Тодор Јованов, брат на првообвинетиот Деко, рече дека како родител на повредено дете во пожарот изразува сочувство за сите загинати, а на повредените им посака што побрзо да оздрават.

– За оваа трагедија не се чувствувам виновен – рече Јованов.

Општинскиот градежен инспектор Огњен Георгиев, исто така, изрази сочувство за загинатите.

– Воопшто не се чувствувам виновен и не ми е јасно зошто сум обвинет и зошто сум воопшто тука. Јас сум пензионер и да имам некое дело, тоа е застарено. Но, имам докажано во две испрашувања дека немам никаква вина и треба да сум слободен. Најверојатно сум обвинет за да нѐ има тука што повеќе. Мислам дека судот треба да го земе предвид излагањето на мојот адвокат и да донесе одлука дека јас треба да бидам ослободен – рече Георгиев.

Градежниот инспектор Љупчо Стаменков рече дека се поклонува пред починатите.

– Не се чувствувам виновен и не знам зошто се води оваа постапка против мене. Јас немам никакви напатствија за тој објект и не сум го посетил – рече тој.

И градежниот инспектор Николчо Коцев рече дека не се чувствува виновен, а кратко се изјасни и поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски.

Поранешниот градоначалник на Кочани, Николче Илиев, рече дека и покрај тоа што бил на погребот, ја користи приликата повторно да изрази длабоко сочувство за загинатите во пожарот. Тој рече дека не се чувствува виновен.

Ексградоначалникот Љупчо Папазов рече дека разбира што пишува во обвинението.

– Не ги разбирам намерите на ОЈО да бидам сместен во вака конструирано обвинение. Не може да се избегне впечатокот за селективност во постапката. Не чувствувам вина – рече Папазов.

Директорот на агенцијата „Рубикон“ изрази сочувство за загинатите.

– Овде сме за правдата, да не се осудуваме предвреме, не се чувствувам виновен – рече тој.

Лазар Захариев од обезбедувањето и Ивица Грозданов, исто рекоа дека не се чувствуваат виновни.

– Бев затекнат во објектот, помагав три часа, направив сѐ што можам. Не треба да сум обвинет – рече Грозданов.

Обезбедуачот Мартин Георгиевв изрази длабоко сочувство до родителите и додаде дека не се чувствува виновен за делата што му се на товар.

– Ние како обезбедување го ризикувавме животот за да спасиме што е можно повеќе луѓе – рече тој.

Обезбедувачот Стојанчо Димитриев со плачлив глас рече дека чувствува само болка и тага затоа што има многу другари и пријатели меѓу загинатите.

– Направив сѐ што можев, ризикувајќи го својот живот да спасам животи. Не се чувствувам виновен – рече Димитриев.

И четворицата поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување се изјаснија за невини.

– Ова е политички мотивирано и правно неосновано – рече Шабан Салиу.

Аднан Џаферовски рече дека обвинението нема допирна точка со него, а Беким Максути рече дека во обвинението нема никакви директни дејствија што ги презел, а се поврзани со настанот.

И останатите обвинети рекоа дека не се чувствуваат виновни.

– Ни во сон не сум мислел дека ќе доживеам вакво нешто. Јас работев во Министерството за економија во 2012 година, а во 2013 веќе не. 13 години не сум во Министерството и не се чувствувам виновен – рече обвинетиот Зоран Николовски.

Поврзани содржини