Сите нивни лаги
И, се разбира, само кога „нивните“ се на власт има демократија, а со другите има режим, само со „нивните“ нема лажни ветувања, нема лажни пароли, нема „деградацијата на парламентарната демократија“ и слични будалаштини. Па се дојде дури и до издигнување на лагата на ниво на „различно мислење“ и „поинакво гледиште“, па дури и репер за некаква демократичност, а не на бесрамно, простачко, дури уличарско плукање по сѐ и секого.
Веќе изветвената фраза дека „… не можете сите да ги лажете цело време“, како впрочем и многу други познати историски мисли, кај нас одамна не важат односно не играат ама баш никаква улога во општеството. Најмалку политичка, зашто баш во политиката најмногу се лаже токму со идејата дека Линколн не знаел што зборува и дека можете сите да ги лажете цело време. Но, ако политичарите „веруваат“ (и) во оваа лага, необјасниво е како, и зошто, и целата онаа нивна приколка полна со „интелектуалци“ од секаков сој верува во таа глупост. Или ни тие баш не веруваат, но добро се платени за тоа?
А сепак, родителите, учителите, свештенството, таканаречените „татковци на нацијата“…, сите нѐ предупредуваа(т) за ѓаволското исходиште на лагата, но повторно: како токму лагата (о)стана најцврстата карактеристика на човековото однесување? Дури и денес, после сѐ? Или – токму заради тоа?
Се разбира, јас не можам да наведам непобитни или несоборливи аргументи против лагата, особено не онакви од Кантовски тип, но сепак ми останува тајна зошто, и како, онака одлесно, лагата станува главната алатка во вокабуларот на универзитетски професори, новинари, политички аналитичари…, интелектуалци од различен профил? И тоа не некоја случајна или ненамерна, или било која „невина“ лага, туку баш форматни лаги, темпирани односно подметнати лаги, очигледни лаги…? Лаги што стануваат смешни веќе на првото читање бидејќи секојдневието и веднаш ги разоткрива, ги соголува до целата нивна примитивност? Тоа, барем мене, ќе ми остане тајна над тајните. Или – несоборливиот доказ за ужасниот пад на македонскиот интелектуалец! Ако такво нешто воопшто уште постои во оваа Македонија.
И повторно: без намера некого отворено да навредам, но само во овој случај го земам „здраво за готово“ исказот дека политичарите лажат. Меѓутоа, зошто тоа упорно го прават и сите оние околу нив? Или, поконкретно, една група „интелектуалци“ кои секојдневно го загадуваат јавниот простор со бесмислени, проѕирни ординарни лаги што не се дури ни „идеолошки“ или пак утилитаристички обоени? Која е смислата на таквата лага којашто веднаш се препознава како таква или, уште полошо, којашто реалноста ја демантира речиси во истиот миг? Како што, на пример, беше она цврсто тврдење за „лажна вест“ за дотичниот архитект од редовите на „куќниот совет“? Која е целта на таквите лаги? Зашто, прво, како што вели шведско-американската филозофка и етичар Сисела Бок во нејзината книга, лагата е морален избор во јавниот и приватниот живот, и второ, ако лагата нема конкретна цел, тогаш веќе станува збор за нешто друго, нели?
Но, се разбира дека има цел, секоја лага, па и овие на групата којашто јас ја нарекувам „пајтон интелигенција“ бидејќи, очигледно е веќе, нивната вџасувачки слепа зависност – веројатно „политикантска“ но и материјална, особено! – од докажувањето на „црнилата“ на една политичка опција наспроти „белината“ на другата односно нивната, поприма страотни димензии. И од таа нивна перфидно замрсена мрежа на лаги одамна отпаднаа моралните, етичките, културните… аспекти на интелектуалецот и неговото делување во општеството.
Зашто, невозможно е дури и да помислите дека тие веруваат во своите лаги, дека на пример само политичарите од спротивната опција треба да се научат на пристојност и одговорност пред луѓето во оваа земја, „понизно секој ден да одговараат“ за некакви катастрофални последици во државава, дека само тие мораат постојано да даваат некаков отчет „за тоа што не мрднале со прст да ги зауздаат бесната инфлација и стагнацијата“… итн., итн. Па зарем навистина веруваат дека оние нивните, онаа претходна криминално-коруптивна коалиција бележеше економскиот раст, дека зборуваше само „вистински вистини“, дека онаа „беда и јад“ и „ужасна сиромаштија“ за оние 32% деца започна во мигот кога се смени власта, исто како и за оние 30% од населението кое нема пари да си дозволи одмор? Па извинете но колкава перфидност, манипулативност и, во крајна линија, лажоманство се потребни па сето тоа да се изговори/напише јавно? И дури да очекуваш дека некој ќе ти поверува? И дали баш ние сме тие „доволно глупави и будали“ да поверуваме дека оние претходни бандити ни донесоа економски раст и подобар живот коишто овие новиве, за само една година, го урнисаа?
Или верувањето со тоа нема никаква врска туку е важно да се сработи домашната задача? Е па ќе се сработи ли задоволително ако врз сето претходно се фризира и паролата дека токму овие луѓе се вистинските виновници за нашиот живот „полн со падови и порази“, дека овие „се сликаат само со цел да добијат нови години власт, нови злоупотреби и изживувања со парите кои ги заработиле чесните луѓе на кои треба да им служат“, ама оние претходните се убиваа од работа само и единствено за наше добро, нѐ оставија со полни џебови кои овие сегашниве ни ги испразнија за само една година, нивните не знаеа што е тоа злоупотреба иако веднаш по изборите неколкумина „фатија магла“ преку границите, не знаеа што е тоа изживување иако само себеси си ги покачија платите за цели 75% а Кривичниот законик го стокмија по мерка да не можат да бидат гонети?
И колку треба да си неморален и нечесен за јавно да тврдиш такви нешта?
Или, да се вратам на почетокот: ако родителите и учителите од мали нозе нѐ учат дека лагата е лоша, како може универзитетска „професорка“ – која, патем, не знае дека „неможе“ и „несмее“ се пишуваат одделно! – после оној седумгодишен хибриден режим да обвинува други дека сега се обидуваат „да инсталираат режим“? И да држи небулозни лекции дека „државата не е приватна своина“ после сѐ што ни приредија нејзините партиски пајташи узурпирајќи го целиот државен апарат за свои лични и партиски потреби? И згора најбезобразно да подметнува дека некаков сдсм (малите букви се…) „еднаш сруши режим“. Каков, и кој црн сдсм срушил режим? Оној сдсм на Шеќеринска и Заев кои буквално го киднапираа народниот гнев и се самоинсталираа на чело на протестите бесрамно фрлајќи неколку обоени „бомби“ врз две-три државни институции? Они нешто срушиле? Па таа багра не само што не умее(ше) да изгради, туку не умее(ше) ни да сруши без менторите од usaid (малите букви се…), еден паташон-амбасадор и слични гнидички.
И, се разбира, само кога „нивните“ се на власт има демократија, а со другите има режим, само со „нивните“ нема лажни ветувања, нема лажни пароли, нема „деградацијата на парламентарната демократија“ и слични будалаштини. Па се дојде дури и до издигнување на лагата на ниво на „различно мислење“ и „поинакво гледиште“, па дури и репер за некаква демократичност, а не на бесрамно, простачко, дури уличарско плукање по сѐ и секого.
Ни говори ли сето ова за обеспокојувачки континуитет на едно лажливо општество, со продорни, сеприсутни лажливи модели што упорно ни ги поттура под нос една бедна групичка умислени „прогресивци“? Зашто, штом сето тоа така мазно поминува во јавноста, значи ли тоа дека тоа и такво општество нема одбранбени механизми од таков куп лаги? Или, игнорирајќи ги, мислиме дека не можат да нанесат голема штета? Што, повторно, е страотно самозалажување бидејќи таквиот куп лаги нанесува штета на вкупното рамниште на довербата во општествената комуникација! Зашто, како што тврди спомнатата Бок, нема „неутрални“, невини лаги – „тие секогаш имаат штетни колатерални ефекти“ и затоа „лагата никогаш не е оправдана ако има адекватна вистинита алтернатива“!
Но смеат ли овие палјачовци да признаат дека сепак во Македонија има алтернатива, без оглед на нејзиното име и историските референци, без оглед на политичкото наследство коешто, сепак, не е блескаво за ниту една опција? Очигледно – не смеат, и затоа запаѓаат во овој маѓепсан круг на лагата во којашто веруваат само „избраните“, онаа замрлушена соцреалистичка групичка од форматот на врхушката на куќниот совет, луѓе без компас и став кои се држат до скутот на ликови како Заев, Филипче, Шеќеринска и оние останати белосветски преваранти кои уживаат во ладовината на „анонимноста“ која тоа воопшто не е. А токму тие го афирмираат „принципот на јавност“ на Бок: дека лагата, за да биде морално оправдана, мора да биде јавно потврдена односно да биде одбранлива пред „разумни луѓе“. Ама за кои и какви „разумни луѓе“ би можеле да говориме во она друштво на мртви политиканти?
Извор: Теодосиевски уметност