Сите наши Талибанци
Новите власти во Кабул најавија создавање на исламски емират на Авганистан, а не на демократски Авганистан. Залуден ли беше трудот на Америка, на Германија, на Франција и на останатите западни сили за преобразба на авганистанското општество?
Да се интервенира или да не се интервенира во работите на други земји, е дилемата на развиените либерални индустриски демократии денес. Во еден свет на инстант комуникација сликите на здрвените тела на мажи, жени и деца во едно место населено со Курди, врз кое авионите на диктаторот на Ирак Садам Хусеин фрлиле отровен гас, го обиколија светот и влегоа во нашите домови. Тука, забораваме, почна онаа несреќна интервенцијата на Западот кој тогаш со силата на својата авијација воведе забранети зони за ирачките летала. Живите костури на мајките со очаен поглед врз прегладнетите бебиња во нивните раце, доживотно врежани во нашите сеќавања, ја поттикнаа хуманитарната интервенција во Сомалија. Сребреница во Босна и Херцеговина во која српските сили на Милошевиќ под команда на Ратко Младиќ масакрираа безмалку осум илјади момчиња и мажи муслимани во четири неколку деноноќија, на крајот, по косовската епизода на војните во Југославија, доведоа до хуманитарна воена интервенција на НАТО. Авганистан, пак, почна како воена интервенција против режим кој даваше поддршка и засолниште на организации како Ал Каеда која со рушењето на кулите близначки во Њујорк предизвика повеќе жртви од јапонскиот напад на Перл Харбор. Операцијата која, како директен одговор на терористичкиот напад, почна со рушењето на режимот на Талибанците и потрага по главата на Осама Бин Ладен, низ годините, се трансформираше во хуманитарна интервенција за демократска трансформација на Авганистан во која се вклучија и ЕУ,како и нашата држава.
Дваесет години подоцна, во она што претставуваше најдолга војна во која учествувале САД, Талибанците се враќаат на власт. Во минатата колумна, пишувајќи за етнички длабоко поделените општества реков дека тие имаат капацитет за екстремно насилство, наспроти либералните демократии како Канада или Белгија кои се мирољубиви. Не одговорив од каде извира тој потенцијал за насилство. Одговорот е: од главите на луѓето. Мислите и убедувањата во тие глави брзо не се менуваат, ако и воопшто. Новите власти во Кабул најавија создавање на исламски емират на Авганистан, а не на демократски Авганистан. Залуден ли беше трудот на Америка, на Германија, на Франција и на останатите западни сили за преобразба на авганистанското општество? Зарем ништо во Авганистан не се има променето овие дваесет години? Набргу ќе дознаеме. Но, што се однесува до иднината на либералната демократијата, перспективите не се сјајни. Ја нема во Ирак, ја нема во Сомалија а ја нема ни во Босна и Херцеговина. Не блеска ни во Македонија. Заговор против демократијата? Не. Тоа е демократијата во земји со авторитарно историско наследство. Резултатите и од најдемократски организираните избори легитимираат она што, во политичка смисла, едно општество има да понуди: национализам, фашизам, заостанатост, феудализам, измама, или сето обратно од ова во земји со демократска традиција. Се она што извира од главите на луѓето во една држава се пресликува во нејзиниот демократскиот систем и во нејзините политичките институции. А тие, главите, како што говори и нашето искуство со демократијата овие триесет години, најтешко се менуваат.
И сега, што после Авганистан? Да дозволи Западот постоење на држави во кои се подготвуваат терористички напади врз нивните граѓани? Цивилизираниот свет да блокира слики со здрвени трупови на деца, жени и мажи, жртви на некој манијакален диктатор кој решил да ги усмрти со гас? Да не го гледа очајот во очите на мајката и бебето скелети во Африка? Да дозволи на Балканот посилната етничка заедница да врши геноцид врз послабата? Тоа нема да се случи. Хуманитарната интервенција е тука за да остане. Конечно, хуамнизираниот дел од светот нема да трпи бестијалности од осилени диктатори и во иднина и ќе им застане на патот ако треба. Тие, имено, диктаторите, се предизвик и закана за нивните демократски вредности.
Се разбира, после спомнатите искуства Западот ќе биде повнимателен. Имено, дури и најхуманитарната од сите интервенции, без никаков државен интерес, онаа во Сомалија кога Америка и западните сојузници се обидоа да му помогнат на населението наспроти волјата на закрвените политичари поделени во кланови, заврши со брза евакуација по влечкањето на убиениот Американец низ улиците на Могадишу. Светот во кој живееме е комплексен. Иако хуманитарните чувства на западниот свет, и кај нас се надевам, кои влијаат врз државните политики, се тука за да останат, државниот интерес ќе го има приматот. Двојни стандарди? Да светот во кој живееме е сè само не перфектен. Во него владеат двојни стандарди. Кога, по инвазијата на Кувајт од страна на Ирак, беше загрозен дотурот на нафта до забревтаните индустрии на западот, шест месеци беше доволно за да се организира коалицијата предводена од Америка која го исфрли Садам Хусеин назад во Ирак; кога избувна војната во Југославија, Америка и западот интервенираа дури после четири години, откога беше загрозен кредибилитетот на нивниот воен сојуз; кога се случи масакрот во Руанда, отсуството на државен интерес резултираше во неинтервенирање во масакр во кој една половина од народот ја масакрираше другата половина.