Сите наши порази
Смешните обвинувања на сектата дека македонскиот премиер е „прокси руски играч во регионот и во Македонија“ не е само фрапантно на штета на целата држава (еднакво како и она изедначување на Македонија со Иран и индиректниот повик до САД да ја бомбардираат земјава!), туку е и небулозна измислица.
Ние се правиме дека не разбираме дека според „ефектот на пеперутката“ сите наши порази водат кон само еден крај. Се правиме или навистина не разбираме, резултатот сепак е или ќе биде ист. Зашто не можете толку порази на крајот да претворите во – победа. Такво нешто никој не успеал. А крајот полека е на повидок.
Нашето константно разградување на општеството ќе резултира во тотален хаос и дефинитивен распад. А разградувањето е секојдневно, составено токму од малите и големите порази, од погрешни политики водени од погрешни луѓе, од погрешни луѓе на вистински места, од цел државен систем пополнет – или наполнет, како сакате – со погрешни луѓе. Партиски послушници, пријатели, роднини, клиенти…, сите тие се само кукли на јаже на одредени групи желни за моќ и алчни за пари. Тоа де факто не се ни партиите, иако овие се кријат зад нив.
Зашто, сите современи демократии денес се раководени од партии односно партиски луѓе. Дури и во најстабилните демократии ретко гледате независни експерти, слободни интелектуалци назначени на важни политички места. Но, и партиските луѓе се бираат според принципот на стручност и компетентност, а не според припадништво на партиска или неформална група или клан, од кругот на блиските пријатели и роднини и сл. Да не било така, ќе стасале ли тие демократии до денешниот степен на развој? Таму биографиите не се ценат според нивната „прекрасност“, туку според принципите на стручност, компетентност, експертски придонес во дотичното поле на делување…
Не е и не може да биде стручност и компетентност завршен факултет, па ни само „гола“ магистратура или докторат. Ако сето тоа – што секако не е за потценување – не е поткрепено со континуирана стручна работа во областа, валоризирана на сите современи начини, тогаш тоа е само празна „биографија“, а не „прекрасна“! Или, ако дозволувате полуписмен партиски потрчко да вреднува реномирани универзитетски професори со респектибилен научен придонес, па дури и да распоредува гувернер и вицегувернери на Народна банка, тогаш тоа не е демократски придонес, туку е само дрзок пример што води кон уличарско алапачисување. Исто како што најмалку демократски, односно е поразителен ставот на т.н. новинарски здруженија, за кои „Новинарите не се должни да трпат омаловажување, инсинуации и префрлање на вина (…)“, но функционерите мора да се однесуваат како боксерски вреќи за непристојни новинари! И замислете македонскиве „општествено-политички работници“ да го имаат еден Трамп наспроти себе. Би побудалеле!
Една поинаква крајност или еклатантен пример за комплетен човечки политички пораз е „лидерот“ на партиската секта што ја глуми некогашната СДСМ, кој како „изгубен Германец“ од еминентен специјалист неврохирург влета директно на партиско министерско место, упропасти сè што допре, но шарлатански лакомо ја грабна и политичката фотелја на прв човек на веќе распадната партија. И токму според „ефектот на пеперутката“, за две-три години направи таков хаос во партијата што веќе ни најверните членови не можат да ја препознаат. И сега, со еден таков багаж, на утрешните избори замислете го истиот на премиерско место! Хаос.
Што впрочем е речиси идентично на оној кутрион Ѓуро Мацут во Србија, со кого мајтап си прави цела држава, па дури и неговиот „ментор“ Вучиќ!
Како и да е, свесно или не, „концептот“ на мали, последователни и навидум безначајни порази – од уличари во државна администрација, преку полуписмени премиерски советници до „лидери“ на партија! – нужно води кон крупни и непредвидливи последици, за да конечно заврши со масивен пораз на сите државни фронтови. Зашто, не може, ама баш никако не може, политички некомпетентни и стручно неуки луѓе да водат една држава до благосостојба. Да, се разбира, ние не сме држава што може исклучиво самата да се избори за таква состојба, најчесто локалните политики зависат и од глобалните случувања – како во овој миг, на пример – но и изборот на вистинскиот пат, или соодветниот одговор за истиот, бара политичка умешност и стручна поткованост.
И, како што Лоренц велел дека трепетот на крилјата на пеперутката може да ја смени насоката на временскиот систем, така и нашите (поточно нивните) одлуки во даден миг можат да доведат до чувствителни зависности од различни нешта. И доведувале, до катастрофални состојби. Во актуелниот политички миг, на пример, смешните обвинувања на сектата дека македонскиот премиер е „прокси руски играч во регионот и во Македонија“ не е само фрапантно на штета на целата држава (еднакво како и она изедначување на Македонија со Иран и индиректниот повик до САД да ја бомбардираат земјава!), туку е и небулозна измислица. Уште поидиотско е тврдењето дека „цела Европа укажува дека тука има руско-српско-унгарско влијание“, а Унгарија е земја-членка на еу (малите букви се…)! А впрочем, од кое „гнездо“, од чија фирма им дојде екс-претседателот на сектата? И кој нивни екс-претседател имаше српски советници во кабинетот?
Дали компетентен политичар би се дрзнал да изрече вакви глупости? Дали сериозна политичка партија би застанала зад вакви наивно небулозни ставови на својот претседател и особено зад непредвидливите ефекти на истите во иднина, за партијата но и за земјата? И зарем навистина угледот на сопствената земја е толку малку важен, помалку од нанесувањето некаква „штета“ на политичкиот противник? А впрочем, кој „лидер“ и која партија би избрала за секретар за меѓународна соработка толку неук човек кој не знае дури ни што значи кратенката нато (малите букви се…)!?
И токму тоа се тие мали, но страотно гооолеми порази што секојдневно нè толчат со нивната непромисленост, доведувајќи ја во прашање зрелоста и конструктивноста на одредени личности во земјава и нашата потенцијална верба во нивната кауза. Впрочем, целата политичка ситуација во државата е прилично налудничава, при што партиско-личните конфликти ја доубиваат вербата на граѓанинот во потенцијалите на македонската политичка елита. Во таква атмосфера е невозможно да се дојде до колку-толку реалистичен договор за можните идни чекори во државата, туку политичката арена дури како да се подготвува за непромислени чекори.
Зашто, како што тврди Џејмс Хантер („таткото“ на „културните војни“), „демократијата (…) е договор дека нема да се убиеме помеѓу себе заради нашите разлики, туку наместо тоа ќе разговараме за нив“. Но ние, односно тие, секојдневно се „убиваат“ на еден или на друг начин, овде веќе не станува збор ни за идеолошки разлики. Што самото по себе мириса на верификувано насилство.
Затоа впрочем сме и толку далеку од каква и да е демократија, од каква и да е европеизација на државата (што и да значи таа фраза), но и од нормална за живот држава со извесна иднина!
Извор: Теодосиевски уметност