СИТЕ МАКЕДОНСКИ ВЛАДИ И ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ ВО 1990-ТИТЕ (1) Првата влада требаше да биде на Глигоров, а не на Кљусев
Зошто Киро Глигоров ја состави првата македонска влада по свој терк, со намера да биде под негова контрола? Дали Милошевиќ се надеваше дека Глигоров ќе ги совлада Петар Гошев и другите коишто не сакаа Македонија да стане Вардарска бановина?
Последното еднопартиско Собрание на Социјалистичка Република Македонија, во текот на септември и ноември 1990 година, ги донесе клучните правни акти кои го постулираа и го овозможија воведувањето на повеќепартискиот политички систем во македонската држава и формирањето на повеќепартиските институции.
Со нив: делегатскиот систем беше заменет со парламентарен, претставничко-пратенички, систем; колективното Претседателство и Извршниот совет беа заменети со Претседател на Републиката и Влада на Социјалистичка Република Македонија, чие формирање и функционирање зависеше од партијата или од партиите кои имаат собраниско, парламентарно мнозинство.
Со споменатите правни акти и со нивните решенија, општо кажано, беше проектиран и востановен типичен систем на парламентарна демократија – на секое негово рамниште: општи и слободни избори врз повеќепартиска и независна основа, формирање на повеќепартиско Собрание; парламентарен избор на Претседателот на Републиката и на неговиот заменик; собраниски избор на Владата, со претходно определување на мандаторот за состав на Влада од страна на Претседателот на Републиката – во консултација со партиите; и избор на членовите на Владата (со тоа и на самата неа) врз база на предлог на мандаторот.
Под товарот на резидуалниот нацонализам
Во таа смисла, на 11 ноември 1990 година, беа спроведени првите повеќепартиски избори, на кои беа избрани пратениците на идното повеќепартиско Собрание на С. Р. Македонија, кое со изборот на Претседател на Собранието, се конституира на 8 јануари 1991 година.
Повеќепартиските избори не поминаа во толерантна атмосфера. Мотивирани за што поброен избор на свои членови во Собранието и, на тој начин, за што поголема партиска моќ во системот на власта, беше манифестирана дотогаш невидена меѓуетничка нетолерантност меѓу македонските и албанските политички субјекти. Така, меѓу првиот и вториот изборен круг, ВМРО-ДПМНЕ ги прозва Албанците – граѓани на С. Р. Македонија – дека се несакани дојденци. На таа провокација стигна одговор од Претседателот на најголемата партија на Албанците во Македонија (ПДП), дека Македонија била албанска земја, а Македонците – словенски окупатори, кои требало да бидат истерани од „албанските територии“.
Таквиот „замаец“ како старт на новите политички субјекти, во периодот на распадот на бившата СФРЈ и на почетокот на создавањето на самостојната и суверена македонска држава, остави подолгорочни негативни последици, кои, нешто подоцна, создадоа референтна основа и причина за подлабока криза и за посеопфатна реформа на политичко-правниот систем на државата.
Во споменатиот амбиент и при формирањето на другите државни институции, при изборот на Претседателот на Републиката и на Владата на С. Р. Македонија, одново се пројави меѓуетничка недоверба и неподготвеност на политичките партии и на други субјекти за рамноправна положба и улога на сите актери во институциите на државата, независно од нивната етничка припадност. Тоа, на една страна, доведе до произволно непочитување и модифицирање на правните решенија предвидени за изборот и структурата на одделни институции на државата, на пример, во случајот со изборот на Владата на С. Р. Македонија, а на друга страна, до опструкција при изборот на Претседателот на Републиката од страна на пратениците Албанци, поради тоа што тој, како кандидат за Претседател на Републиката, de facto, ја индицирал својата намера за нерамноправен третман на Албанците во политичкиот систем на С. Р. Македонија. (Андов Стојан, „Зошто Албанците не гласаа за референдумот за независност“, „Фокус“ 13.01.2022 г. стр. 42-43).
Тие појави, уште при самиот почеток на формирањето на С. Р. Македонија, како самостојна и суверена држава, го потврдија постоењето на резидуален национализам, како во македонските, така и во албанските средини на општеството.
Тоа се виде преку следните факти:
- ВМРО-ДПМНЕ, по националистичката провокација против Албанците пред вториот круг на гласањето за пратеници, за разлика од резултатите по првиот круг, на крајот од изборите, доби најголем број на пратеници во Собранието на С. Р. Македонија;
- Aлбанските партии кои не најдоа разбирање кај идниот Претседател на Републиката, за своите барања за потпретседател на Владата и за соодветен број Албанци членови на Владата, сразмерно на процентот на Албанците граѓани на С. Р. Македонија, се свртеа кон Тирана и кон Приштина, наоѓајќи ги токму своите инспирации за нивното политичко дејствување во Македонија. На тој начин разбудениот национализам на Албанците во Македонија стана дел од останатиот албански национализам, кој имаше свое видување за тоа каков профил и каква структура треба да има македонската држава.
Во режија на Киро Глигоров
Претседателот на Републиката, по неговиот избор и по изборот на потпретседател на претседателот, се зафати со формирање на Владата на С. Р. Македонија.
Според уставниот амандман LXXVI точка 5, Претседателот на С. Р. Македонија предлага кандидат за претседател на Владата на СРМ – врз основа на претходни консултации со политичките организации (партии) што се застапени во Собранието. Собранието, пак, според став 2 на истата точка од споменатиот амандман, „по предлог од кандидатот за претседател на Владата избира Влада на Социјалистичка Република Македонија“.
Во статијата на проф.д-р Владо Поповски се анализира трансформацијата на еднопартискиот во повеќепартиски систем, на федералниот во самостоен статус на македонската државам на општествениот во приватен капитал – и на последиците што ги предизвика таа трансформација врз меѓунационалните односи, врз социјалниот и економскиот систем, како и врз односите на Република Македонија кон соседните држави.
Тие уставни решенија беа опфатени и во Законот за Владата на СРМ од 8 ноември 1990 година, во неговите членови: 4, 14, 15, 16 и 17. Со нив била предвидена можност за избор на еден потпретседател на Владата, покрај можноста за избор и на повеќе потпретседатели (чл. 4 од Законот). Во членот 17 став 1 од истиот Закон стои: „При предлагањето на Владата, кандидатот за претседател на Владата предлага потпретседател (употребена е еднина) министри кои ќе раководат со министерствата и други членови на Владата (министри).
Според цитираните решенија на Законот за Владата произлегува дека Претседателот на СРМ, во врска со Владата, го предлага само кандидатот за нејзин претседател.
Другото: предлогот на потпретседател и на министри е надлежност на кандидатот за претседател на Владата и на никој друг. Во таа смисла, само по себе, се подразбира дека предлагачот на членовите на Владата ќе води сметка од кои партии ќе бидат предлозите за членовите на Владата – за да обезбеди собраниско мнозинство кое ќе гласа за изборот на самата Влада. Тоа значи дека евентуалната потреба за формирање на парламентарна, мнозинска, коалиција е надлежност и работа на партиите и на кандидатот за претседател на Владата кој, со своите предлози за членови на Владата, треба да ја изрази волјата на партијата (или на партиите) кои ќе го сочинуваат парламентарното мнозинство.
Тој домен и таа задача не е надлежност на Претседателот на С. Р. Македонија. Не е негова работа да се меша ниту во составот на Владата, ниту во процесот на создавање парламентарно мнозинство (или – на создавање парламентарна мнозинска коалиција). При постоење систем на поделба на властите и на самостојност на нивните надлежности, Претседателот на СРМ, не можел да предлага членови на Владата, ниту нивен распоред на должности во Владата; ниту да формира собраниски партиски коалиции од кои ќе произлезе Владата.
Наспроти изнесеното, Претседателот на СРМ се замешал во сите фази и во сите други аспекти од формирањето на првата Влада на С. Р. Македонија, потиснувајќи ги уставните и законските надлежности на политичките и правните субјекти поврзани со изборот на таа Влада (извршен на 20 март 1991 година).
Имено, Претседателот на С. Р. Македонија Киро Глигоров, по предлогот на академик Никола Кљусев за претседател на Владата не му ја препушти уставно и законски утврдената надлежност на предложениот кандидат за претседател на Владата да предложи потпретседател и членови на Владата кои треба да ги избере Собранието на СРМ, согласно амандман LXXVI од Уставот на СРМ и членовите 16 и 17 од Законот за Владата на СРМ.
Преземајќи ги надлежностите на кандидатот за состав на Владата на СРМ, и надлежностите на партиите, за формирање собраниско мнозинство што ќе стои во поддршка на Владата, Претседателот на Републиката de facto решил:
- прво, да бидат избрани три потпретседатели на Владата, а не еден потпретседател, што беше поента во Законот за Владата од 8 ноември 1990 година и барање на партиите на Албанците во Македонија, тој да биде Албанец;
- второ, членовите на Владата да ги предложат партиите, во согласност со Претседателот на Републиката, а не кандидатот (мандаторот) за претседател на Владата како што предвидел Законот за Владата на СРМ;
- трето, Претседателот на Републиката решил тој и раководителите на партиите да определат, кои членови на Владата – кои ресори (кои министерства) ќе ги раководат, а кои членови ќе бидат министри без ресор.
Врз основа на тие, претходно усогласени ставови меѓу Претседателот и политичките партии, со исклучок на албанските партии во Македонија, фактички, било решено четирите македонски партии (СКМ-ПДП, ВМРО-ДПМНЕ; СРС и СПМ) да предложат двајца потпретседатели на Владата и 17 членови, министри, во Владата, од кои 14 министри да раководат со ресори (со одделни министерства) а тројца да бидат министри без ресор. Претседателот на Републиката, на албанските партии во Република Македонија, на ПДП и на НДП, им допуштил ПДП да предложи еден потпретседател на Владата и еден министер на министерство, а НДП да предложи еден министер без ресор.
На таков начин, првата Влада на СРМ, избрана на 20 март 1991 година имала дваесет и три членови (претседател, 3 потпретседатели и 19 министри), од кои 20 биле Македонци, а 3 Албанци. Таа прва Влада на СРМ, со оглед на начинот на изборот и на доминантниот фактор на нејзиното профилирање, не случајно често беше именувана како „Влада на Претседателот на Републиката Киро Глигоров“.
Очекувањата на Милошевиќ од Глигоров
Одговорот за мотивите и причините кои стоеле во основата на респективното однесување на Претседателот на Републиката, при формирањето на првата Влада на С. Р. Македонија, може (логички) да се поврзи со следните констатации и факти:
- Прво, решавачкото влијание врз начинот на формирањето на Владата и врз персоналниот состав на истата, Претседателот на Републиката го поврзувал со верувањто дека тоа натаму ќе му овозможи влијание врз политиките и врз одлуките на таа Влада;
- Второ, потребата за негово продолжено влијание врз Владините политики и одлуки, на една страна, била израз на склоноста на Претседателот на Републиката кон политички егоцентризам и политичка доминација, а на друга страна, таа потреба била израз и на преземената обврска пред српскиот претседател, Слободан Милошевиќ, да работи на одржување на статусот на Македонија како членка на Југославија. Имено, уште во јануари 1991 година, на состанокот на Претседателството на СФРЈ, на кој биле присутни и претседателите на републиките и претседателите на републичките собранија, Слободан Милошевиќ, претседател на Република Србија, му кажал на Претседателот на Собранието на СРМ (Стојан Андов) дека господинот Киро Глигоров ќе дошол во Македонија со договорени задачи што требало да ги заврши, барајќи од Андов да му помогне во тоа. Во таа насока, Слободан Милошевиќ побарал и двајцата да гледаат, за премиер на Владата на С. Р. Македонија да не дојде Петар Гошев, туку друга личност која ќе работи на одржување на статусот на СРМ како членка на Југословенската федерација (Стојан Андов, „Наскоро таму ќе дојде Киро Глигоров, па ќе ги среди работите“, „Фокус“)
- Трето, игнорирањето на уставните и на законските норми за избор на Владата на Социјалистичка Република Македонија (на СРМ) може да се објасни и со фактот на отсуство на поширока култура и пракса на почитување на новите принципи на политичко-правниот систем, на поделбата на властите и на самостојноста во вршењето на нивните надлежности. Претходните, подолготрајни, принципи на системот на власта и практиките на нивното остварување, какви што беа единството и хиерархијата на власта и претпочитувањето на политичкото водство, до голема мера, го олеснуваа наметнувањето на улогата и на авторитетот на одделни угледни политички личности.
Се разбира, тој културен склоп (како ментален амбиент) на почетокот на воведувањето на новиот политичко-правен систем, не може целосно да ги објасни причините за споменатиот, произволен настан при определувањето на структурата и профилот на првата Влада на СРМ (односно на РМ). Затоа нужно е да се осветлат и интересите, како на Претседателот на Републиката, така и на политичките партии, пред се на партиските раководства, кои ги мотивирале да станат соучесници во кршењето на правните правила и норми – сврзани со изборот на Владата на СРМ.
Идејата беше да се маргинализираат Петар Гошев и македонските водачи
Интересот на Претседателот на Републиката Киро Глигоров бил во тоа што, со улогата што ја прифатил, во договор со Слободан Милошевиќ, практично, одново се стекнал со шанса да се издигне во политиката, пред се во С. Р. Македонија, над оние сили и личности кои, во меѓувреме, станале политички водачи и личности на нови идеи за местото и иднината на С. Р. Македонија; во случај на распад на СФРЈ и на нејзино, евентуално, поинакво (ново) компонирање.
Еден од тие нови предводници во македонската политика беше и Петар Гошев. Тој како претседател на СКМ–ПДП, на Слободан Милошевиќ, кој го визирал идниот состав и профил на идната југословенска федерација како сојузна држава со предоминантно просрпски функции и можности, паралелно со формализирање и маргинализирање на другите републики – му се спротивставил со изјавата: дека Македонија не е Јужна Бановина, туку држава на македонскиот народ и на народностите што се дел од народот на Македонија, кој самиот ќе реши за неговата иднина и за статусот и иднината на нивната држава.
На тој начин Петар Гошев и неговите приврзаници ги афектирале одлуките и принципите на АСНОМ-ска Македонија и правните принципи на првиот Устав на Н. Р. Македонија од 1946 година: на прво место, на таков начин, било афектирано правото на самоопределување на народот на Македонија – вклучувајќи го и правото на отцепување, за кое се шпекулирало оти тоа право, било консумирано – мртво право.
Ете, тие залагања и тие политички водачи во С. Р. Македонија во 1991-та и во следните години, требало да бидат отстранети или маргинализирани од страна на Претседателот на Републиката, како што се произнел Слободан Милошевиќ во разговорот со Претседателот на Собранието на С. Р. Македонија (со Стојан Андов) во јануари 1991 година, на споменатиот состанок на Претседателството на СФРЈ.
Партиите од македонскиот блок, поканети од Претседателот на Републиката да предложат членови за состав на Владата на СРМ, својот интерес го гледале во фактот што, на таков начин, без било каква конкуренција, типична при формирање на Влада во повеќепартиски систем, станале „делџии на колачот“, носители на функции и моќ, со чие посредство, се надевале на бенефити во повеќе области.
На таков начин, Претседателот на Републиката, околу себе, сплотил цел „колегиум“ подготвен заеднички да му ги „конфискуваат“ надлежностите на мандаторот за состав на влада на С. Р. Македонија. Тој и таков „колегиум“ навистина го сторил тоа, со што ги прекршил уставните и законските норми за формирањето Влада на С. Р. Македонија.
Таа Влада била избрана од страна на Собранието на С. Р. Македонија – на 20 март 1991 година. Тоа што е интересно за политичко-партискиот статус на членовите на таа Влада е фактот што од 22 членови на Владата, само тројца изјавиле дека се членовите на партијата: двајца на СКМ-ПДП и еден на ВМРО-ДПМНЕ, додека 19 членови на таа влада изјавиле оти не се членови на ниту една партија.
Респективниот податок зборува дека партиските раководства, како предлагачи на членовите на Владата, предвид го имале, пред се, професионалниот и општествениот углед на „своите“ кандидати; но – во секој случај, и своите релации и односи со таквите кандидати. Па во таа смисла, се поставува прашањето: дали таа влада, на чело со академик Никола Кљусев, во која покрај него имало уште двајца академици, 12 доктори на науки, 2 магистри и 6 со високо образование и со искуство во практиката, ги оправда очекувањата на Претседателот на Републиката за неговото претежно влијание врз политиките и одлуките на Владата?
Одговорот на тоа прашање е негативен.
ЗОШТО КЛИГОРОВ НЕ ЈА ПРИФАТИ ПОНУДАТА ЗА СОРАБОТКА ОД КРСТЕ ЦРВЕНКОВСКИ И ОД СЛАВКО МИЛОСАВЛЕВСКИ?
Склоноста на Киро Глигоров кон егоцентризам беше манифестирана и на тој начин што не прифаќаше никаква средба или помош која беше понудена; на пример, од страна на Крсте Црвенковски или Лазар Мојсов. (Види, Коста Стоименовски во случајот со Лазар Мојсов, „Нова Македонија“, 24.02.2022, стр. 9). Во врска со К. Црвенковски, авторот на статијата, од страна на својот професор и долгогодишен пријател Славко Милосавлевски, беше замолен да му ја пренесе, на Претседателот Глигоров, подготвеноста на Црвенковски и неговата (на Милосавлевски) за соработка и помош. Претседателот Глигоров, со „насмевка“ кажа: „Благодарам, нема потреба“.
(Во следното продолжение: Зошто мораше да падне владата на Никола Кљусев и кој ја собори)