Сите лаги за рудниците (3): Златото, рудниците и вистината што ни ја кријат
Во Македонија, законот за минерални суровини е скроен на начин што оневозможува развој на нови рударски капацитети преку модерни технологии. Оваа измена, која беше изгласана во Собранието, внесува нестабилност за потенцијалните инвеститори и ја оддалечува Македонија од економските придобивки кои можат да се реализираат преку паметно управување со рудните богатства.
Драги читатели,
Во оваа колумна ќе ви обрнам внимание на вредноста на златото од финансиски, технолошки, но пред сè, од геолошко-рударски аспект, со фокус на капацитетите што ги има Македонија.
Цената на златото вртоглаво расте. Во моментов, една унца (29,8 грама) достигна цена од 2.900 евра, а се очекува да ја помине границата од 3.000 евра по унца. Тоа значи 100 евра за грам. Оваа информација е клучна во контекст на нашето рудно богатство.
Она што јас го забележувам, но и сите кои ги следат случувањата на пазарот на минерални суровивини, е интересен тренд – најголемата побарувачка за злато во моментов доаѓа од САД. Само во декември, од Швајцарија во Америка биле префрлени 64 тони злато. На прв поглед, ова изгледа нелогично, но е поврзано со стравот од протекционистички мерки и одлуки кои го прават златото безбедно засолниште за инвеститорите.
Каде е Македонија во оваа слика? Клучното прашање е: зошто Македонија не ги искористува своите рудни потенцијали во полза на својата економија? Пред да одговорам на ова прашање, да споделам неколку важни информации за рудните ресурси во регионот и како Европската Унија гледа на нив:
1. Литиум. Србија располага со најголеми резерви, а неговата цена се очекува да порасне за 57 пати до 2050 година. Оваа информација ја прави оваа суровина стратешки важна за регионот.
2. Никел. Цената ќе се зголеми за 15 пати до 2040 година. Македонија го поседува индустрискиот комплекс Фе-Ни.
3. Ретки метали (платиниумска група). Очекуван раст од 970 пати, што укажува на огромен економски потенцијал.
Во Македонија, законот за минерални суровини е скроен на начин што оневозможува развој на нови рударски капацитети преку модерни технологии. Оваа измена, која беше изгласана во Собранието, внесува нестабилност за потенцијалните инвеститори и ја оддалечува Македонија од економските придобивки кои можат да се реализираат преку паметно управување со рудните богатства.
Современите технологии овозможуваат екстракција на злато со различни методи како што се хлоридни, цијанидни и тиосулфатни раствори. Примената на нови, еколошки методи, како што е тиосулфатната постапка, може да биде клучот за развој на оваа индустрија во Македонија.
Што треба да направи Македонија? Македонија мора да се фокусира на паметно искористување на своите ресурси, без да дозволи манипулации од политички и економски интереси, како онаа група лажни еко активисти, кои работат против националниот развој. Потребни се научни анализи и транспарентна дискусија за реалните можности за развој на рударската индустрија.
За крај, Македонија има огромен потенцијал во рударството, кое може да биде двигател на економскиот развој и подобрување на инфраструктурата. Наместо да се дозволи политичка и економска манипулација, неопходно е да се работи на јасни стратегии кои ќе овозможат одржлив и профитабилен развој за доброто на сите.
Науката и научниците во Македонија знаат како може ова да се постигне и нив треба да ги слушаат оние кои ги носат одлуките!
Да живее Македонија!