СИТЕ ДЕМОНСТРАНТИ ВО ИРАН ЌЕ СЕ СМЕТААТ ЗА БОЖЈИ НЕПРИЈАТЕЛИ И ЌЕ ИМ СЛЕДИ СМРТНА КАЗНА Досега 116 жртви и 2.600 повредени на протестите

На плоштадот „Пунак“ во главниот град беа истрелани огнометни ракети, додека демонстрантите удираа во тенџериња и во тави, скандирајќи пароли во поддршка на династијата на последниот ирански шах, Мохамед Реза Пахлави, соборен со Исламската револуција во 1979 година.

2,085

Сенародните протести во Иран против властите поради влошената економска состојба денеска влегоа во својата втора недела, а бројот на жртвите достигна најмалку 116 лица, соопшти активистичката агенција „Хјуман рајтс активистс“ (Human Rights Activists News Agency).

Според агенцијата, бројот на повредени надмина 2.600 лица. И покрај репресиите и информативниот мрак во земјата, синоќа граѓаните повторно излегоа на улиците. Демонстранти се собраа во северниот дел на Техеран.






На плоштадот „Пунак“ во главниот град беа истрелани огнометни ракети, додека демонстрантите удираа во тенџериња и во тави, скандирајќи пароли во поддршка на династијата на последниот ирански шах, Мохамед Реза Пахлави, соборен со Исламската револуција во 1979 година.

Иранската државна телевизија известува за повредени полицајци, но одбегнува да спомене жртви меѓу демонстрантите, кои сè почесто ги нарекува „терористи“.

Главниот обвинител на Иран, Мохамад Мовахеди Азад, изјави дека секој што учествува во протестите ќе се смета за „Божји непријател“ (Moharebeh), категорија која според иранските закони предвидува смртна казна.

Трамп најави поддршка

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера повторно ја изрази својата подготвеност да им помогне на демонстрантите во Иран.

Трамп го продолжи притисокот врз авторитарниот режим на Иран, кој владее со земјата откако Исламската револуција во 1979 година го собори сојузникот на САД, шахот Мохамед Реза Пахлави, кој почина во 1980 година во егзил во Египет.

Во објава од 10 јануари на Truth Social, Трамп рече дека Соединетите Американски Држави „се подготвени да помогнат“, повторувајќи ја поддршката за демонстрантите по серијата предупредувања до иранските власти.

Подоцна тој повторно објави видео од „Фокс њуз“ на кое се гледа како еден демонстрант накратко го заменува сегашното знаме на земјата со поранешното знаме, кое се користело пред револуцијата во 1979 година.

Најновите коментари на Трамп доаѓаат еден ден откако на состанокот на директори за нафта и гас во Белата Куќа изјави дека „Иран е во голема неволја.

„Многу внимателно ја следиме ситуацијата. Дадов многу силна изјава дека ако почнат да убиваат луѓе како што правеа во минатото, ние ќе се вмешаме. Ќе ги удираме многу силно таму каде што ги боли. Тоа не значи копнени сили, но значи дека ќе ги удриме многу, многу силно таму каде што ги боли“, најави Трамп.

По ова следеше краток пост на X од американскиот државен секретар Марко Рубио на 10 јануари, во кој се наведува дека САД „ги поддржуваат храбрите луѓе на Иран“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 10 јануари ги повика властите да ги ослободат сите притворени демонстранти и целосно да го вратат пристапот до интернет во земјата.

„Улиците на Техеран и градовите низ целиот свет одекнуваат со чекорите на иранските жени и мажи кои бараат слобода. Слобода да се зборува, да се собира, да се патува и пред сè да се живее слободно“, напиша таа на социјалните медиуми.

Во заедничка изјава издадена на 9 јануари, лидерите на Франција, Германија и Велика Британија изразија „длабока загриженост за извештаите за насилство од страна на иранските безбедносни сили и силно го осудуваат убиството на демонстрантите“.

Принцот Реза Пахлави, чиј татко беше последниот шах на Иран, упати порака за поддршка на социјалните мрежи за демонстрантите, велејќи им дека „го освоиле восхитот од светот со нивната храброст и непоколебливост“, истовремено објавувајќи дека планира да се врати во Иран во блиска иднина.

Поврзани содржини