СИТЕ БИЛЕ ПОВРЗАНИ СО ЕДНА ПАРТИЈА? Ќе се гонат македонски граѓани за испраќање лажни дојави за бомби
Во РС Македонија уште во октомври лани почнаа масовно да се испраќаат мејлови со закани за бомби до училиштата, до Централната банка и до градинките. Во февруари годинава имало 560 закани. По воведените мерки заканите со бомби за март се намалени речиси до нула - рече Божилов.
Неколку Македонци, кои се поврзани со една од политичките партии во Република Северна Македонија, ќе бидат меѓу обвинетите во Македонија за испраќање лажни дојави за подметнати бомби во бугарски институции и училишта – изјави денеска во Софија Јордан Божилов, директор на Софискиот безбедносен форум, пренесе порталот 24 часа.
– Не сите закани ги затвораат училиштата. Работиме на различни верзии, од кои едната е хибридни закани поврзани со Русија, но ќе бидат обвинети и неколку Македонци кои се поврзани со една од политичките партии во РСМ – рече Божилов.
Тој смета дека е важно да се менуваат протоколите, а треба да има добра физичка безбедност, контрола на пристап, проверки.
– Многу е тешко да се докаже кои се сторителите. Во Северна Македонија е утврдено дека серверите од кои се испраќаат електронските пораки се наоѓаат во Русија и Иран – рече Божилов.
Тој додаде дека во Македонија се променети протоколите за постапување во вакви ситуации, начините на креирање и користење на официјални електронски пораки, а се прават проверки и на училиштата.
– Во РСМ уште во октомври минатата година почнаа да се испраќаат масовни мејлови за закани со бомби до училиштата, до Централната банка и до градинките. Во февруари годинава имало 560 закани. Заканите со бомби за март се намалени речиси до нула, имаше само 9 – рече Божилов.
ИСПРАВКА Во насловот и во содржината на претходно објавената вест беше кажано дека Бугарија ќе гони македонски државјани за заканите со бомби. По утврдувањето на неточноста на таа информација, извршена е исправка на веста – Стоилов сепак зборува за тоа дека македонски граѓани ќе се гонат во Македонија.