СИТЕ 5 БАЗЕНИ ШТО СДСМ И ДУИ ГИ ПОЧНАА И ГИ БАТАЛИЈА, ЌЕ БИДАТ ГОТОВИ ДО СЕПТЕМВРИ По 4 години застој, се доградува базенот во училиштето „Невена Георгиева Дуња“

Полуолимпискиот базен во „Невена Георгиева Дуња“ ќе биде завршен кон крајот на мај и ќе им служи на пред сѐ, на учениците и на спортистите, но и на сите граѓани, најави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски.

1,022

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и министерот за спорт, Борко Ристовски заедно со економскиот оператор кој ги изведува градежните активности денеска извршија увид во изградбата на базенот во ООУ „Невена Георгиева Дуња“.

Овој базен, чија изградба беше во неколкугодишен застој, ќе биде завршен кон крајот на мај.






– Овој објект е добар симбол на она што претставуваше релација локална-централна власт во минатото, наспроти она што е сега. Од моментот кога станав градоначалник на Општина Кисела Вода, постојано упатував прашања до тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт, во повеќе наврати барав да видиме до каде е процесот и зошто е настанат застојот, кога ќе продолжат активностите, но, немаше никакво придвижување напред. На мое задоволство, со актуелниот министер Ристовски, низ низа проекти, а и со денешниот, покажавме дека со ефикасна соработка и со јасна визија можеме да го забрзаме развојот на спортската инфраструктура во нашата општина – рече Ѓорѓиевски.

Овој базен, додаде градоначалникот, ќе биде модерен објект, изграден по сите стандарди. Ќе им служи на пред сѐ, на учениците и на спортистите, но и на сите граѓани.

– Пливањето, како еден од најкомплексните спортови, има огромно значење за здравјето и за развојот на младите генерации. Со оваа инвестиција, овозможуваме не само услови за развој на спортски таленти, туку и простор за рекреација и здрав живот за сите жители на општината – рече градоначалникот.

Тој потсети дека Општина Кисела Вода во последните 3 години направи значителни вложувања во спортската инфраструктура. Обновени се и изградени 9 спортско-рекреативни центри.

– Со оваа динамика и посветеност, ќе продолжиме да ги создаваме потребните услови за подобар живот и развој во Кисела Вода. Искрено се заблагодарувам на министерот Ристовски и на Министерството за спорт, за неговиот активен ангажман, посветеност и поддршка за изградбата на базенот, но и за темелната реконструкција на салата „Расадник“, која е во тек. Ова е уште еден доказ дека кога институциите работат заедно, резултатите се видливи и значајни за граѓаните – истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Министерот Ристовски рече дека е многу горд што конечно е најдено решение за нешто што беше запоставено 4 години.

– Најдовме заеднички јазик со операторите и почнавме со работа и порано од планираното. Сите 5 базени кои беа отпочнати од претходната власт и оставени, ќе бидат завршени до крајот на летото – изјави министерот Ристовски.

Висар Палоши, градежен инженер во компанијата „Вивинт“ која го гради базенот информираше дека тој ќе биде од затворен тип.

– Базенот ќе биде долг 25 метри, широк 9 метри и длабок 1,2 метри, односно 0,8 метри. Овој тип на базени се нарекува полуолимписки базен, наменет е за едукација, обука и пливање. Ќе биде според стандардите на Меѓународната пливачка асоцијација, ФИНА – изјави Палоши.

Поврзани содржини