Системскиот круг на неодговорноста

Кога говориме за систем, не можеме да говориме за непостоење на систем во политиката, но постоење на истиот во културата, образованието, науката, здравството… итн. Такво нешто нема во светот. Системот или постои, и функционира, или – го нема. Како кај нас. Односно е –  нефункционален! А таков е бидејќи – барем до вчера – на власта, секоја власт, генерално не ѝ одговараше функционален систем. Тој попречува, интервенира, казнува…, а тоа политикантите не го сакаат.

85

Сѐ што ни се случува денес е резултат на она вчера, или пред година дена, па дури и пред три децении. Лошите нешта, а таквите ни се далеку побројни, се резултат на политикантски компромиси и „компензации“, на неодговорно и потоа неказнето постапување, на роднински и партиско-пријателски далавери… Пресудата за онаа Димова и нејзините „магариња“ – или што и да беа – не е доволна сатисфакција за направениот криминал зашто на него морало да се интервенира веднаш, и бескомпромисно. Од друга страна, таа не може да го „покрие“ криминалот на другите на истата функција, пред и по неа – разноразни партиски бандити кои го крчмеа државниот буџет за свои и партиски цели. Па и на нејзините налогодавачи. Тоа што никој тогаш, но и денес само инцидентно односно во нејзиниот случај, не реагирал, ќе ни се врати повторно и – утре. Повеќекратно!

И тоа е „златното правило“ на времепловот: сѐ што не сме завршиле во минатото ни се вратило како бумеранг денес; сѐ што пропуштаме да сториме денес ќе ни се врати како полоша верзија веќе утре. Македонската понова историја, онаа од 1991 година наваму, е преполна со вакви примери. И како да се вртиме во круг – сив, или сепак црн круг на неодговорност, на неказнивост, на политикантски „простувања“, на криминалци на слобода и во политиката, на мешетари и мафијаши низ улиците… Многумина такви и на клучни позиции во обвинителствата и судовите, онаму кадешто се сокрил клучот на праведниот и демократски систем. И сите се прават наудрени божем не разбираат за што овде станува збор!






Зашто, да реагираше системот, зарем денес ќе ги слушавме овие малоумни обвинувања од врвот на куќниот совет што глуми опозиција? Да реагираше системот навреме, зарем оној Филипче ќе беше таму кадешто е? И тие околу него? Да имаше систем а не параспур институции, зарем навистина ќе се случеше Кочани, но и Тетово, Ласкарци, „Струма“…? Да се затвораше црниот круг на неодговорноста веднаш по тие случувања, зарем ќе го имавме ова денес? Зашто, ако веќе го спомнувам Кочани, за што е виновен токму овој министер на полицијата, токму овој премиер, а не оние претходните кои најмалку седум години ја толерирале кочината во Кочани којашто некој сакал да ја нарекува – клуб? И во којашто овие родители кои денес протестираат редовно ги праќале децата на забава? Или, дали, на пример, оние количества токсичен отпад во Трубарево биле така неконтролирано натрупувани само изминатата година или „системските“ процедури на контрола неограничено затајувале многу подолго време?

Дури и во „малите“ теми, во ситниот неодговорен „отпад“, македонскиот „систем“ наместо да го затвора црниот круг на неодговорноста навреме, воскреснува ликови кои стрпливо, притаени чекале да се вратат на сцената. Па сега ни го оживуваат оној „архитектон“ кој најпростачки го нагрди центарот на градот со она море кич кое сакаше да ни го продаде за уметност, некои медиуми упорно ни ги воскреснуваат оние кои незаконски на времето примаа „двекратни“ плати – во кеш и на сметка – а сега солат памет за морал, право и правда во државава, едни исти фаци три децении ни продаваат „политика“, „експертиза“ и пророштва што умираат веќе наредниот ден.

Па и оној кочоперлив булук „уметници“ – ние имаме најголем број „уметници“ на квадратен километар во Европа – допушти не само онакви „архитекти“ да му сервираат „уметност“ туку со симпатии гледаше и на „Скопје 2014“! Или можеби, во спротивно, „системот“ на неодговорноста ќе ги збришеше, не ќе можеа да се издржуваат од државниот буџет? Како впрочем и онаа (самопрогласена) „независна“ културна сцена којашто, не знаејќи што да прави со себе, алчно граба од културниот денар небаре работи нешто квалитетно и конструктивно. Извинете, но сето тоа е чиста (не)културна социјала којашто, се разбира, може да биде финансирана од државни средства но само како непродуктивен аматерски клуб на безработници. Или некаков културен лумпенпролетаријат (со незначителни исклучоци!). Тоа е единственото рамниште кадешто тие, во нормален систем, би можеле да припаѓаат! Но, за да немаме недоразбирања, не мислам дека системот – оној што го немаме – функционира во националните културни институции. Таму се вработува секаков сој кој може да фати некаков приклучок до „важни“ партиски персони, па дури добива и раководни функции. Затоа, впрочем, културата во Македонија одамна наликува на пачавра за забришување на сите сиво маслосани „пејзажи“.

И двете некултури ѝ продаваат на македонската јавност замаглени „лични наративи“ како светско чудо коешто де факто е празно, и празноглаво. И одамна е – passe! Апропо, кој сѐ не се расшета низ она Биенале во Венеција како претставник на македонската глупост во уметноста!

Меѓутоа, кога тоа би се случувало само во политиката… и – културата. Неодамнешниот јавен истап на проф. Кекеновски откри само еден сегмент од малверзациите во високото образование при изборот за кандидати за некаков Национален совет на Интеруниверзитетската конференција. Сличен по форма но многу пострашен по суштината беше неодамнешниот – а веќе заташкан и заборавен – скандал со изборот на член на МАНУ и систематските дај-дам манипулации што, повторно, траат со децении! Или оние континуирани некогашни скандали во Академијата за судии, во Судскиот совет и др.!

Или, ако баш сакате, зарем здравствениот „систем“ само од вчера толерира онаква „перална“ во Клиничкиот центар којашто повеќе личи на руинирана депонија отколку на установа во којашто се одржува базичната хигиена на Клинички?

Или, на пример, замислете еден Амстердам, Париз или Лондон да имаа онаква градоначалничка како Скопје, која најбезобразно преспа четири години но со редовна плата во џебот, го затрупа градот со смет, упропасти сѐ што можеше да допре…, ама „системот“ немаше начин да ги спаси граѓаните од таквата катаклизма!

Но, впрочем, кога говориме за систем, не можеме да говориме за непостоење на систем во политиката, но постоење на истиот во културата, образованието, науката, здравството… итн. Такво нешто нема во светот. Системот или постои, и функционира, или – го нема. Како кај нас. Односно е –  нефункционален! А таков е бидејќи – барем до вчера – на власта, секоја власт, генерално не ѝ одговараше функционален систем. Тој попречува, интервенира, казнува…, а тоа политикантите не го сакаат. Но сакаат да ги обвинуваат оние кои инсистираат на системски решенија, на одговорност, на правда. И сега, после цели седум години – бараат реформи! Па зошто не ги баравте од оној пазарџијана?

Тоа се случува и сега со Кочани: последниот мора да одговора, не и оние кои со години ја „градеа“ кочината на неодоговрноста, на криминалот и корупцијата! Ист е случајот и со Димова: таа е фатена но сите други се провлекуваат неказнето низ непостоечкиот систем. Овој „систем“ токму тоа го протежира: еден мора да одговара за сите за да се задоволи гладот на јавноста за правда. Ама тоа правда ли е?

Од друга страна, не можеме понатаму да се вадиме на некакви измислени „детски болести“ на „системот“ кој е стар веќе цели три и половина децении! Уште колку децении ќе ни требаат да пораснеме односно да ги прележиме тие „детски болести“? И зарем во нив ќе го испереме и срамот со Преспанскиот договор, со Договорот за пријателство и добрососедство, со протоколите и „Францускиот предлот“…?! И со оваа харанга на „пајтон интелигенцијата“ за „Бугари во Уставот“ и „испуштените шанси“ за интензивирање на евроинтегративниот процес?

Се разбира, на крај памет не ми паѓа да тврдам дека во Европа, или во светот, постои таков идеален функционален систем што бргу ги разрешува сите негативни општествени појави или криминалите во државниот апарат. Но барем се обидуваат, и тоа со висок процент на позитивна реализација во борбата против корупцијата и криминалот, манипулациите внатре во системот или кочниците во правосудните органи. Ние – односно оние  – до вчера не се ни обидуваа нешто да сторат. Напротив, нивната идеја водилка беше токму корупцијата на системот заради полесното манипулирање со процесите. Па видете какви црнила оставија во културата, образованието, здравството, науката… надворешната политика… итн.! Ама некои други се дилетантите, не тие кои тоа го правеа во континуитет од седум и седумнаесет години, но и многу, многу претходно, речиси три децении! Денес дури ни изјавата на Кошта не им се допаѓа зашто тоа требало да го каже „Унијата“, во официјална изјава. Па што по ѓаволите е тој Кошта како претседател на Советот, не е „Унијата“? Ама ние допрва ќе ги чекаме испрдоците на Филипче и куќниот совет за некакво „единство кое никогаш не сме го постигнале за ниту една важна тема за државата од независноста наваму“!

Па нели токму тоа кажува сѐ за „државата“, за „системот“ што го градеа коекакви умислени професорчиња и слични „прогресивни“ билмези кооптирани во највисоките врвови на власта и (пре)платени да климаат со главите и одобруваат сѐ што политикантската мафија ни сервираше во овие триесет и кусур години?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини