СИРОМАШНИТЕ НЕМА ДА ОСТАНАТ БЕЗ СТРУЈА ВО ЗИМА Кои новини ги содржи предложениот закон за енергетика?

Законот им дава можност на граѓаните да формираат енергетски заедници. На пример, неколку соседи можат да постават соларни панели, да произведуваат струја за себе и да ја продаваат вишокот.

188

Новиот Предлог-закон за енергетика е документ што ќе го обликува енергетскиот сектор на Македонија во следните децении. Ова не е само закон, туку визија за модерен, одржлив и конкурентен енергетски систем што ќе донесе придобивки за економијата, граѓаните и животната средина, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Законот требаше да биде усвоен до крајот на 2023 година. Сега, во април 2025, од Министерството велат дека се целосно посветени на законот со кој ќе се затворат споровите со Енергетската заедница, како случаите ECS-11/24 за електрична енергија и ECS-21/24 за гас.






– Но, овој закон не е само за исполнување европски обврски. Туку основа за создавање енергетски систем што ќе привлече инвестиции, ќе создаде работни места, ќе ја заштити животната средина и ќе обезбеди сигурна, достапна енергија за секој граѓанин. Тоа е дел од нашата реформска агенда за поблиску до ЕУ, но и за подобар живот тука, дома. Горда сум што овој закон го напишаа македонски професионалци од јавната администрација, луѓе со долгогодишно искуство во енергетиката, без дополнителен надомест. Тие поставија високи стандарди за идната работа на министерството, и тоа е нешто што треба да го цениме – истакна министерката Сања Божиновска.

Кои се клучните новини во законот?

Законот го олеснува градењето соларни, ветерни и хидроелектрани преку Годишен план за енергетска инфраструктура, што се подготвува во согласност со Стратегијата за развој на енергетиката и Интегрираниот национален план за енергија и клима. Инвеститорите можат да поднесуваат предлози до 1 јуни секоја година. Законот воведува јасни правила за приклучување на мрежата, за да нема хаос со премногу соларни панели на дистрибутивната мрежа.

Се воведува методологија за мерење на енергетската сиромаштија, во соработка со Министерството за социјална политика. Домаќинствата што не можат да си ги платат сметките за струја ќе добијат поддршка – пониски цени преку универзален снабдувач или други снабдувачи. Владата може да одобри компензации за овие семејства, а ранливите потрошувачи ќе имаат и финансиска помош (на пример, субвенции за греење или енергетски ефикасни уреди) и нефинансиска помош (како забрана за исклучување од мрежа). Ова е за да никој не остане без струја во зима поради финансиски проблеми.

Законот создава пазар на електрична енергија каде цените се формираат пазарно, но со заштита за ранливите. Се воведува пазар „ден однапред“ и „во тековен ден“, што овозможува поефикасна трговија со струја. МЕМО е назначен за номиниран оператор (НЕМО) за четири години, што ќе го поврзе нашиот пазар со европскиот преку механизам наречен „market coupling“. Ова значи дека можеме да купуваме и продаваме струја по конкурентни цени, што може да ги стабилизира сметките за граѓаните. На пример, ако во регионот има вишок струја, можеме да ја купиме поевтино, а ако имаме вишок, да ја продадеме.

Складирањето на електрична енергија станува посебна дејност, што е клучно за управување со обновливите извори. На пример, соларните панели произведуваат струја преку ден, но со складирање таа може да се користи и навечер. Ова ја прави мрежата постабилна и ја намалува потребата од увоз во шпиц-периоди. Се интегрира полнењето на електрични возила во мрежата, со јасни правила за станиците за полнење. Ако сакате да возите електричен автомобил, законот гарантира дека станиците за полнење ќе бидат достапни и дека цените за струја за полнење ќе бидат разумни, во рамките на просечните цени на горивата.

Се воведуваат паметни мерни системи за точно мерење на потрошувачката, а се отстранува можноста броилата да не се читаат, што досега создаваше конфузија кај граѓаните. Секој потрошувач ќе може да го смени снабдувачот за само 48 часа, без трошоци за домаќинствата и за малите потрошувачи. Ова значи поголема слобода – ако не сте задоволни од вашиот снабдувач, можете брзо да изберете друг, без бирократија.

Законот им дава можност на граѓаните да формираат енергетски заедници. На пример, неколку соседи можат да постават соларни панели, да произведуваат струја за себе и да ја продаваат вишокот. Ова ги прави граѓаните активни учесници во енергетскиот пазар, а не само пасивни потрошувачи. Идејата е да имаат контрола врз вашата енергија и да заштедат.

Законот воведува мерки за справување со ризици во снабдувањето со струја и гас. Министерството ќе подготвува планови за итни ситуации, за да бидеме подготвени за кризи, како прекини во снабдувањето. Ова е особено важно во зима или во периоди на висока потрошувачка, за да нема затемнувања или недостиг на енергија.

Се воведува Десетгодишен план за развој на електропреносниот систем и јасни правила за операторите на мрежите. Министерството станува сопственик на операторот на електропреносниот систем, што му дава поголема контрола врз стратешките одлуки. Исто така, се осигурува дека мрежите се подготвени за повеќе обновливи извори и за зголемена потрошувачка, како од електрични возила.

Законот е пред пратениците

Законот е пратен во Собранието и немало забелешки од собраниските комисии.

– Сме отворени за амандмани во второто читање, за да го направиме текстот уште подобар. Целта ни е да создадеме закон што ќе трае, што ќе даде правна сигурност и нема да бара чести измени. Имплементацијата бара соработка на сите институции – ќе треба да ги зајакнеме капацитетите на РКЕ, операторите на мрежите и министерството. Ќе воведеме нови процедури, платформи за известување, обуки за кадар и ќе соработуваме со регионални и европски партнери. Исто така, ќе работиме со приватниот сектор и граѓанските организации – вели Божиновска.

Според неа, овој закон е за иднината на Македонија. Тој ќе го стимулира економскиот раст, ќе го забрза технолошкиот напредок, ќе ја заштити животната средина и ќе нè приближи до европските и глобалните климатски цели за 2050 година.

– Целта е Македонија со соларни панели на покривите, електрични возила на патиштата и стабилни сметки за струја – тоа е она што го градиме со овој закон. Сакаме да бидеме лидер во регионот во чиста енергија, и ова е голем чекор во таа насока – додаде министерката Божиновска.

Поврзани содржини