СИРИЗА: Мицотакис го финализираше вртењето за 180 степени за Договорот од Преспа
Како следен чекор го очекуваме извинувањето што го должи и на СИРИЗА за клеветењето и на грчкиот народ за измамите со лаги. Конечно во Парламентот да ги донесе билатералните договори за ратификацијата што ја одложува, бидејќи се плаши од сопствената партија - коментираат од СИРИЗА.
На средбата со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис побара верно почитување и целосно спроведување на Договорот од Преспа и го финализираше вртењето за 180 степени на ставот за ова прашање, коментираат од грчката опозициска партија СИРИЗА.
Партијата го поздравува ставот на Мицотакис и бара од грчката Влада веднаш да ги донесе за ратификација во Парламентот трите договори со нашата земја.
– Господинот Мицотакис откако прво предизвика турбуленции без преседан во земјата со неговиот радикален популизам, откако прво се идентификуваше со Златна зора во говорот на омраза против Владата на СИРИЗА и откако ја изложи земјата на меѓународно ниво со неговата хипокризија, сега го финализираше вртењето за 180 степени за ова прашање – велат од СИРИЗА.
Од партијата додаваат дека ја поздравуваат актуелната позиција на грчкиот премиер „кој сега, веќе и на официјален начин, го почитува Договорот од Преспа “.
– Како следен чекор го очекуваме извинувањето што го должи и на СИРИЗА за клеветењето и на грчкиот народ за измамите со лаги. Конечно во Парламентот да ги донесе билатералните договори за ратификацијата што ја одложува, бидејќи се плаши од сопствената партија – коментираат од СИРИЗА.
Конкретните договори кон средината на септември беа доставени во Парламентот, меѓутоа поради реакциите и барањето на лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, ратификацијата да биде со јавно гласање, процедурите запреа.