СИРИЈА СЕГА ЌЕ БИДЕ МИРОЉУБИВА ЗЕМЈА, Ѝ ТРЕБААТ ИНВЕСТИЦИИ, А НЕ САНКЦИИ Дали државата доживува преродба со новата влада?
Доколку светот сака Сирија да излезе од трагедијата, мора да ги поддржи соништата на сирискиот народ. Го повикуваме светот да ја поддржи Сирија во обликувањето на нејзината иднина, порача министерот за надворешни работи на новата администрација во Сирија, Асад ал-Шејбани.
Министерот за надворешни работи на новата администрација во Сирија, Асад ал-Шејбани, изјави дека укинувањето на децениските економски санкции е „клуч за стабилноста“ во неговата земја, пренесува Анадолија.
– Националниот фокус сега е трансформирање на предизвиците во можности, а Дамаск го поздравува враќањето на бегалците за да помогнат во обновата на Сирија – изјави Ал-Шејбани за време на сесија, модерирана од поранешниот британски премиер, Тони Блер, на Светскиот економски форум во Давос.
Тој истакна дека Сирија сега влегува во нова ера, а новата администрација сака Сирија да биде мирољубива земја која нема да претставува закана за никого.
– Клучно е да се увериме дека и Сиријците дома и во дијаспората ќе знаат дека нивната нова влада се залага за мир, безбедност и за стабилност – додаде тој.
Ал-Шејбани нагласи дека Сирија работи на воспоставување партнерства со заливските земји во секторите за енергетика и електрична енергија.
Тој додаде дека во наредната фаза Сирија ќе ја отвори својата економија за странски инвестиции.
– Доколку светот сака Сирија да излезе од трагедијата, мора да ги поддржи соништата на сирискиот народ. Го повикуваме светот да ја поддржи Сирија во обликувањето на нејзината иднина – порача ал-Шејбани.
Санкциите против Сирија датираат од декември 1979 година, кога САД ја означија како државен спонзор на тероризмот. Оваа ознака доведе до забрани за извоз, ограничувања за продажба и до различни финансиски рестрикции. Дополнителни санкции беа воведени за време на режимот на Башар ал-Асад, кој беше соборен од власт на 8 декември минатата година.