СИРЕНИ НИЗ ЦЕЛА УКРАИНА, 60 РУСКИ ПРОЕКТИЛИ СЕ НА ПАТ „Ве молиме, веднаш одете во прифатните центри“

Во главниот град е прогласена воздушна тревога. Ве молиме веднаш одете во прифатните центри, се наведува во известувањето објавено на официјалниот киевски канал Телеграм.

788

Сирените за воздушен напад утринава се активирани низ цела Украина, вклучувајќи го и главниот град Киев. Тревога е објавена во регионите Киев, Харков, Житомир, Виниција, Чернихив, Миколаев и Кировохрад. Виталиј Бунечко, регионалниот гувернер на Житомир, ги повика жителите да останат во засолништа поради „заканата од огромен ракетен напад”.

Водоснабдувањето во Киев денеска е прекинато по новиот бран руски удари, метрото е затворено, а метро станиците се користат како засолништа од бомби.






„Сообраќајот на метрото е привремено прекинат на сите линии. Метро станиците функционираат како засолништа. Предупредувањето за воздушен напад продолжува! Ве молиме останете во засолништата!”, напиша градоначалникот на Киев, Кличко, во друга порака на социјалната мрежа.

 

„Не ги игнорирајте предупредувањата за воздушни напади, останете во засолништа“, рече Кирил Тимошенко, заменик-шеф на кабинетот на претседателот, на апликацијата за пораки Телеграм.

Околу 60 руски проектили биле забележани како се движат кон украинскиот воздушен простор, изјави Виталиј Ким, гувернер на регионот Миколаев во јужна Украина.

„Дел од нив се веќе над северна Украина“, напиша тој на Телеграм.

Над Харков се слушнале експлозии, а очевидци велат дека во Киев функционира противвоздушен одбранбен систем.

Официјални лица во црноморскиот регион Одеса, исто така, наведуваат дека руски ракети погодиле критична инфраструктура.

Британските медиуми објавуваат дека силни експлозии се слушнале и во главниот град Киев, иако не е јасно дали се работи за противвоздушната одбрана или проектили што ја пробиле одбраната и ги погодиле наменетите цели. Засега нема информации за можни жртви, исто како што нема детали за инфраструктурата што е зафатена.

Поради денешните ракетни напади гувернерот на северниот регион Шуми соопшти дека дошло до прекин на електричната енергија.

Русија ги засили своите гранатирања во последните месеци од војната. Над третина од енергетската инфраструктура во Украина е разрушена.

Истовремено, Русија вчера распореди две интерконтинентални балистички ракети на сопствена територија. Нуклеарната реторика меѓу Истокот и Западот се разгорува, иако и Москва и Вашингтон негираа каква било употреба на ваков тип оружје.

Русија следната година ќе го удвои бројот на пробни лансирања на своите интерконтинентални балистички на осум, во споредба со четири лансирања оваа година, изјави денеска командантот на стратешките ракетни сили Сергеј Каракаев. Тој за весникот „Краснаја звезда” изјави дека ракетите ќе бидат лансирани од две локации – во близина на Мурманск на север и Волгоград на југ.

Каракаев рече дека овогодишните четири лансирања „ја потврдија високата сигурност на ракетните системи”.

Според Новиот СТАРТ договор за намалување на нуклеарното оружје, кој стапи во сила во 2011 година, Русија и САД го ограничија бројот на интерконтинентални балистички проектили на секоја по 700.

Каракаев конкретно ја наведе нуклеарната ракета „Сармат”, која првпат беше лансирана во април оваа година од Плесецк во северна Русија, погодувајќи цел на полуостровот Камчатка оддалечен 6.000 километри.

„Сармат” се развиваше со години и беше тестирана во време на екстремни меѓународни тензии, во неделите по инвазијата на Москва врз Украина.

Поврзани содржини