„СИНОХИДРО“ ДОБИ УШТЕ 5 МЕСЕЦИ ДА ГО ЗАВРШИ АВТОПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД Со 186 милиони евра ќе треба да ги санира свлечиштата и да ги изгради пристапните патишта

Дополнителните финансии се за активностите што беа најавени за стабилизација на свлечишта со изградба на 14 галерии, поставување еластична одбојна, изградба на паралелни пристапни патишта што не биле предвидени за поврзување на населените места, како и за контролен центар за тунелите. 

14

Со нов анекс на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид што ќе го потпишат Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и изведувачот кинески „Синохидро“ треба да се овозможи довршување на градежните работи на автопатот во изградба, при што се предвидуваат дополнителни 186 милиони евра, а ревидираниот краен рок за завршување е 31 мај 2027 година, со којшто се обезбедуваат уште 151 ден за добивање употребна дозвола на автопатот.

Дополнителните финансии се за активностите што беа најавени за стабилизација на свлечишта со изградба на 14 галерии, поставување еластична одбојна, изградба на паралелни пристапни патишта што не биле предвидени за поврзување на населените места, како и за контролен центар за тунелите.






Со дополнувањата на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, што ги изгласа синоќа Собранието, се предвидува да се случи Анекс бр. 8, за автопатот во должина од 57 километри што се гради од 2014 година, а од кој досега се пуштени 40-ина километри.

– Интензивно се работи на проектот, задоволен сум со динамиката што ја има и со овој анекс конечно ќе го завршиме автопатот Кичево – Охрид – рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, образложувајќи ги законските измени во матичната собраниска комисија.

Тој изнесе три причини за новиот анекс истакнувајќи дека првата е потребно да се довршат градежните работи за целосно и квалитетно завршување на проектот со работи што не биле предвидени од основниот проект, како што е тоа дека кога се работел проектот во 2013 и 2014 година не се направени ниту геотехнички истражувања.

– За таа цел предвидуваме непредвидени работи за стабилизација на свлечишта. Ќе се градат 14 галерии долж автопатот. Ќе се изведат и дополнителни работи за еластична одбојна ограда, со примена на европски стандарди, а која не била предвидена воопшто. Непредвидени дополнителни финансиски средства за изградба на контролен центар за тунелите кој ќе служи и за тунелот што ќе се гради на делницата Кичево-Букојачни – рече Николоски.

Исто така, додаде тој,  дополнителни работи за паралелни пристапни патишта што не биле предвидени во првичниот план, а се предвидени во Анекс бр. 3 (2018 г.) и Анекс бр. 6, (2024) како и укажување од надзорот за потребата од изградба на останатите паралелни патишта, како неопходни за функционалност и сообраќајно поврзување на населените места долж автопатот. Тоа се пристапни патишта од село Арбиново до село Издеглавје, од село Издеглавје до Ново Село, од Ново Село до село Ботун, од Мешеиште до Требениште, од Требениште до Подмоље и до Охрид. И останата проектна документација за поврзување на локални патишта со паралелни пристапни патишта.

– Ова  е причината зошто се прави овој прв корпус на измени што ќе значи дополнително финансирање на проектот во износ од 186 милиони евра – наведе Николоски, дополнувајќи дека тие средства ќе бидат обезбедени од Јавното претпријатие за државни патишта, инвеститор во име на државата.

Втората причина, како што рече, е употребната дозвола за автопатот за која што се дава рок од 151 ден, а третиот дел се однесува на барањата за надомест а изведувачот се откажува од сите досегашни и сите потенцијално нови кои би биле поднесени до 31.12. 2026 година.

Како што наведува Надзорот за изградбата на автопатот, Градежниот институт Македонија,  инвеститорот доставил измени и дополнувања на четири основни проектни целини (поставување на еластична одбојна ограда по МКС EN 1317, примена на технички мерки за заштита на усеци и стабилизација на свлечишта, паралелни пристапни патишта, контролен центар за тунел Пресека).

– Согласно условите на Договорот по FIDIC Red Book, Клаузула 8.4 (а), при промени или значителна промена на квантитетот на работите, Изведувачот има право на продолжување на рокот за завршување. Надзорот смета дека: предложениот рок за завршување до 31.05.2027 година е реално остварлив технички оправдан; условен е со добра организација на работите од страна на Изведувачот, а неопходно е Инвеститорот да обезбеди услови за непречено одвивање на работите и навремено финансиско сервисирање на обврските – се вели во мислењето од Надзорот.

По 11 години изградба на автопатот Кичево-Охрид на 13 јули лани беа пуштени првите 20 километри, на потегот од Врбјани до Ботун, а на 7 септември  уште една делница, Климештани-Охрид, во должина од 17 километри.

За изградбата заклучно со крајот на минатата година  реализирани се 557.985.782 евра или 93,3% од предвиденото.

Поврзани содржини