Синоќа од граница вратени два автобуса на Нехар травел кои тргнале за Црна Гора
Причина за враќањето на автобусите, како што рекоа за Плусинфо, била актуелната состојба со коронавирусот и затворањето на границите од одделни земји. Мерките биле преземени за да не се доведат во состојба патниците да останат заглавени.
Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека синоќа од граничниот премин Долно Блаце биле вратени два автобуса со патници на компанијата Нехар травел.
Причина за враќањето на автобусите, како што рекоа за Плусинфо, била актуелната состојба со коронавирусот и затворањето на границите од одделни земји. Мерките биле преземени за да не се доведат во состојба патниците да останат заглавени.
Крајната дестинација на автобусите било црногорското туристичко одморалиште Игало каде што требало да се задржат два дена.
Од агенцијата Нехар травел, за Плусинфо изјавија дека, за нив е неразбирливо зошто автобусите се вратени кога границите во земјите низ кои требаше да поминат се отворени и не е забрането патување.
– За нас е уште понеразбирливо што едниот од автобусите беше пуштен во Косово, па потоа со интервенција на полицијата вратен на македонска територија. Зошто воопшто е пуштен прашуваме, ако имало некакви проблеми. Вториот автобус е задржан на македонската граница без образложение. При тоа, пред нашите автобусите и по нив се пуштани возила на граничниот премин – велат од Агенцијата.
Оттаму додаваат дека сите 46 патници пред да тргнат на патувањето потпишале изјави дека сакаат да патуваат и дека го преземаат ризикот за тоа.
– Пред да тргнеме на пат проверивме дали државите низ кои требаше да се реализира патувањето ги затвориле граничните премини, но ниту една од овие земји – Косово, Албанија и Црна Гора немаат затворени граници и не забрануваат патување низ нивна територија, туку преземаат здравствени мерки на граничните премини. Нашите автобуси се опремени и со тоалети, па на патувањето не беше предвидено запирање. Имавме патници само за еден автобус, но ние поради почитување на здравствените мерки ги распределивме во два автобуси и покрај нашите дополнителни трошоци околу организирањето на патувањето – велат од Нехар травел.
Од агенцијата додаваат и дека патниците ќе бидат обештетени за тоа што патувањето не е реализирано, а се вршат консултации и со адвокатите за тоа што треба да преземат натаму.