СИНЕДЕЈС НОСИ ПОВЕЌЕ ОД 50 ФИЛМОВИ Фестивалот на европски филм од 3 до 10 декември во МКЦ

На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на СинеМјузик вечерите ќе има специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од Лајвјуроп програмата. Влезот за концертите е бесплатен.

0

Под слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември во Скопје ќе се одржи Фестивалот на европски филм CINEDAYS.

Осумте селекции, повеќе од 60 филмови, кои ја одбележаа тековната европска филмска година и врвната работилница „Маркетинг на филм“, се фактографски белег на годинешниот CINEDAYS.






– Оваа година публиката не ја водиме на филмско патување туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, на кого му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сѐ, е богат со најновите и најнаградуваните филмови. Свесни сме дека во земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор. И за да можат да виреат такви креативци, но и на таква префинета публика, должни сме да ѝ го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал – вели Маргарита Арсова, програмски координатор на CINEDAYS.

Два филма се на почетокот на фестивалот, „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата Златна палма на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.

– Ова издание на CINEDAYS ги носи и „Тајниот агент“ на Мендонса Фило, „Домот на младата мајка“ на браќата Дарден, и двата номинирани за Златна Ппалма, „Татко Мајка Сестра Брат“ на Џим Џармуш кој е добитник на наградата Златен лав во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа. Потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како „Оче наш“ на Горан Станковиќ, „Ера“ на Парта Келменди, „Павиљон“ на Дино Мустафиќ…. А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и Македокс ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршеток на годинава за МКЦ – додава Арсова.

Селектор на програмата на 24. CINEDAYS е Бернд Будер.

На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на СинеМјузик вечерите ќе има специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од Лајвјуроп програмата. Влезот за концертите е бесплатен.

Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во кино Фросина и Дансинг салата 25 мај.

Билетите за овогодишното издание на CINEDAYS ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (се препорачува онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.

Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Останати финансиски покровители се Градот Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европски филмски фестивали, како и мрежата Лајвјуроп.

Поврзани содржини