СИНДИКАТОТ СЕ ЗАКАНИ СО БЛОКАДИ И СО ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК Протест за повисоки плати и минималец од 600 евра

Ќе собереме 10.000 гласови, потписи, со кои ќе станеме овластен предлагач и ќе бараме 80 проценти да ви се намалат вашите плати, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов пред Собранието.

477

Со транспарентот „Протестираме за плата“ стотици граѓани вечерва маршираа до пред Владата на протестот што го организира Сојузот на синдикатите на Македонија поради ниските плати. Синдикалците бараат 600 евра минимална плата и зголемување по 100 евра за сите останати плати.

Протестот почна пред Работничкиот дом, продолжи пред Собранието и завршо пред Владата, каде гражаните му свртеа грб на објектот.






Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов порача: „Нема да ве молиме, ќе се бориме.“

– Ќе следуваат блокади, ќе следува генерален штрајк. И ќе следува тоа што вас најмногу ќе ве боли. Ќе собереме 10.000 гласови, потписи, со кои ќе станеме овластен предлагач и ќе бараме 80 проценти да ви се намалат вашите плати. И ќе бараме да ја зголемите минималната плата на 600 евра и за најмалку 6.000 денари да ги зголемите другите плати. Ќе ве ставиме на тест. Ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас или ќе гласате за луѓето кои што со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз – рече Трендафилов пред Собранието.

Пред Стопанската комора упатија пораки до работодавачите кои одбиваат поголемо зголемување на минималецот од законски утврденото, со образложение дека бизнисот не може да издржи таков товар.

– 6.000 денари само за една година ни се зголемија трошоците на живот благодарение на лошите политики и нефер трговци, кои што нè оставаат пред најголемите празници со празни трпези. Фала им на газдите што пола Македонија си отиде, што сме биле непродуктивни. Они се многу продуктивни од мерцедеси, поршиња и вили во Грчција – рече Иван Пешевски.

Протестот заврши пред Владата, каде беа испратени главните пораки дека зад барањата на работниците нема политика. Порачаа дека силата е во работниците.

– Нас денеска овде не нè собра политиката, нè собра маката, неправдата, сиромаштијата. Нè собраа платите што не ни стигаат ни до десетти во месецот. Нè собраа празните фрижидери и цените во маркетите. Нè собра синдикална минимална кошничка што изнесува 65.000 денари на најниски цени во маркетите, која никој не може да си ја приушти. Ете тоа не собра денеска овде. Ниту политика, ниту политички партии – рече Трпе Деаноски.

Синдикалците се децидни дека ако и овој пат Владата нема слух да седне на маса и да преговара за решавање на прашањето за платите, ќе продолжат со блокади на улиците и на институциите, но и со блокирање на целата држава преку генерален штрајк во приватниот и во јавниот сектор.

Поврзани содржини