Синдикатот на „Пошта“ до Макрадули: Преиспитај го огласот за вработување на 30 административци
80 отсто од објавените работни места се крајно непотребни и непродуктивни, а истите може да се пополнат со внатрешно прераспоредување од постоечките кадри согласно нивниот работен стаж и искуство, велат од Синдикатот.
Синдикатот на Македонска пошта бара директорот Јани Макрадули да ја преиспита одлука за распишување на јавен оглас за вработување на нови 30 административци бидејќи претпријатието е во лоша финансиска состојба и можноста поголемиот дел од испразнетите работни места да се пополнат со внатрешно прераспоредување од постоечките кадри.
– Согледувајќи ја лошата финансиска состојба на друштвото предизвикана од намалените приходи како и направената анализа на распишаниот јавен оглас за нови вработувања во Пошта објавен во дневните весници „Слободен печат“ и „Коха“ во изданијата од 24-25.07.2021 година укажува дека 80 отсто од посочените вработувања не се во согласност со реалните потреби на друштвото, односно со цел за поголема ефикасност, продуктивност и мотивација во работењето, тие испразнети работни места може да се пополнат со внатрешно прераспоредување на постоечките кадри во самите подружници и дирекција – велат од Синдикатот.
Од таму велат дека ставот на Синдикатот на Македонска пошта и вработените е дека само неколку испразнети работни места кои не се повеќе од 5 до 7 работни места, односно 20 отсто од вкупниот број на објавените вработувања во огласот со високо образование се оправдани од причина што за нив се бара соодветно образование и истите претставуваат реална потреба за пополнување со нови вработувања, додека пак останатите 80 отсто од објавените работни места се крајно непотребни и непродуктивни, а истите може да се пополнат со внатрешно прераспоредување од постоечките кадри согласно нивниот работен стаж и искуство, имајќи предвид дека за тие работни места не е потребно соодветно образование, односно истите може да се реализираат и со кое било друго високо образование.
– Друштвото не спроведе постапка на информирање и консултирање со Синдикатите и не побара мислење за ова прашање кое директно ќе има импликации на останатите вработени, нивните плати, како и на опстојувањето на Македонска пошта. На тој начин постапката е спроведена спротивно на Законот за работните односи, конвенциите на МОТ и директивите на ЕУ за информирање и консултирање. Потребна е пренамена на планираните средства за нови вработувања, истите да се наменат за зголемување на платите на вработените кои повеќе од 30 години не се зголемени и истите се далеку под просечна плата- велат од Синдикатот. .