СИНДИКАТОТ ЈА ТУЖИ ВЛАДАТА Само платите на вработените во владата уште не се усогласени
„Владата добро знае дека е должна да постапи и да го примени член 8 од Законот за минимална плата и да ги зголеми платите за износот утврден во последното зголемување на минималната плата за сите вработени во јавниот сектор без дискриминација“ - се вели во соопштението на ССМ.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), како репрезентативен синдикат на национално ниво и во приватниот и во јавниот сектор, поднесе тужба од јавен интерес против Владата на Република Северна Македонија поради тоа што, како што смета ССМ, со непостапување дискриминирала голем број вработени во јавниот сектор.
„Владата не постапи во целост согласно Закон за измени и дополнување на Законот за минимална плата објавен во Сл. весник бр. 41 /2022година со кој е утврдена висина на минимална плата во износ од 18000 денари во нето износ, што преставува зголемување од 18,4 проценти во однос на вредноста на предходната минимална плата. Согласно член 8 од Законот за минимална плата потребно беше да се усогласат платите на сите вработени со порастот на минималната плата“, се појаснува во денешното соопштение од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Платите на другите вработени кои имаат плата под минималната, за дел вработени се усогласени со порастот на минималната плата, а без оправдани причини и спротивно на закон, се посочува во соопштението, Владата не го направи тоа за сите вработени во јавниот сектор, односно паушално и без критериуми платите некаде не се зголемени воопшто, а некаде се зголемуваат за одредени категории на вработени, наспроти други категории на вработени во јавниот сектор, за кои Владата е непосреден работодавач.
„Постапувајќи на овој начин Владата го наруши принципот на еднаквост на граѓаните и работниците кој е уреден во член 9 од Уставот на Република Северна Македонија во однос на остварување на нивните права и обврски кои произлегуваат од работниот однос. Токму почитувањето на принципот на еднаквост и недискриминација при остварување на работничките права како најзначаен дел од граѓанските права претставуваат показател дали една држава е демократски ориентирана и искажува еднаква грижа без дискриминација кон сите свои граѓани и работници“, подвлекуваат од ССМ.
Неусогласувањето на колективните договори со Законот за минимална плата, односно одбивањето на Владата да се вклучи во суштествен социјален дијалог за зголемување на останатите плати пропорционално со зголемувањето на минималната плата, информираат од ССМ, е причина и за генерален штрајк во цел јавен сектор кој веќе трет месец трае онаму каде што не се усогласени платите на вработените. За прв пат во историјата на македонската држава се случува генерален штрајк во цел сектор кој трае толку долго, а една Влада одбива да разговара со претставниците на работниците.
„Владата добро знае дека е должна да постапи и да го примени член 8 од Законот за минимална плата и да ги зголеми платите за износот утврден во последното зголемување на минималната плата за сите вработени во јавниот сектор без дискриминација. Дотолку повеќе што во приватниот сектор особено каде што ССМ има синдикати, приватните работодавачи постапувајќи по законот ги усогласија колективните договори и ги зголемија платите на своите вработени, а истото го сторија и општините, градот Скопје и јавните претпријатија основани од општините и Градот Скопје, а останаа уште оние работници за кои е надлежна Владата како вработените во дел во министерствата и јавните претпријатија за кои е основач Владата“, стои во соопштението.
Како што се посочува во соопштението од ССМ, произлегува дека без постоење на реални и оправдани причини, Владата постапи спротивно на Уставот во кој е уредена обврската за почитување на правото, законите и целосно функционирање на правната држава.
Дополнително, со поднесувањето на оваа тужба, ССМ најавува дека ќе ги искористи и сите други достапни механизми и ќе поднесе соодветни тужби и пријави пред меѓународните институции за што веќе добил помош и поддршка од Европската конфедерација на синдикатите.