СИНДИКАТИТЕ СЕ ПРОТИВ НОВИТЕ МЕРКИ ЗА НЕВАКЦИНИРАНИТЕ Од Стопанската комора бараат нивно заострување

Комисијата за заразни болести денеска одлучи да ѝ предложи на Владата нови мерки со кои сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работа ќе треба да приложат потврда за примена најмалку една примена вакцина, негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде направен на сопствен трошок, потврда за прележан Ковид не постар од 45 дена или потврда од лекар специјалист дека не можат да примат вакцина поради ретки имунолошки состојби.

2,725

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) реагира на најновите мерки за вработените во јавниот сектор што ги предлага Комисијата за заразни болести. Со предложените мерки, според КСС, се кршат основните човекови права и се бара Владата да размисли пред да ги донесе.

– Вакцинирањето треба да е личен избор, а не да се наметнува со мерки, како што тоа сака да го наметне Комисијата за заразни болести на чело со министерот за здравство Венко Филипче. Предлогот на Комисијата, трошоците за ПЦР тестовите да бидат на трошок на вработените за нас е неприфатлив, со оглед на тоа дека над 80.000 вработени во јавниот сектор се на минимална плата која не е доволна да се преживее во текот на месецот. Недозволиво е на осиромашените работници, да им се наметнуваат дополнителни трошоци, а притоа да се прекршуваат и нивните човекови права – наведуваат од КСС.






Доколку бидат прифатени предложените мерки, КСС најавува дека ќе ги искористи сите синдикални мерки што и се на располагање за да не се применуваат.

Против најновите предлози се и од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Оттаму наведуваат дека вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила.

– Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против војата на поединецот – стои во реакцијата на ССМ.

И Сојузот на стопански комори (ССК) е против задолжителна вакцинација за вработените во приватниот сектор.

– Нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна е лично право на избор и не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови вакцини и релевантни информации за нивната безбедност – наведува ССК.

За разлика од синдикалните организации, од Стопанската комора на Македонија ги поддржуваат предложените здравствени мерки, а бараат тие да важат и за вработените во приватниот сектор.

Како што соопшти денеска потпретседателката на Комората, Анета Трајковска, ова барање во вид на Иницијатива е веќе доставено до Владата.

-Ја поддржуваме задолжителната вакцијација во јавниот сектор, посебно во здравството, но сметаме дека вакцинацијата треба да биде задолжителна и во приватниот сектор како што прават повеќето европски земји, повикувајќи се на правото на работникот за заштита при работа. Мора заеднички да работиме на подигнување на степенот на имунизација, што е неопходно да се постигне во пократок временски период за да се спречат мутациите на вирусот. Затоа предлагаме мерката да стапи на сила што поитно, но да се даде период за можност невакцинираните лица кои се во работен однос да се вакцинираат – рече Трајковска на прес-конференција.

Инаку, Комисијата за заразни болести денеска одлучи да ѝ предложи на Владата нови мерки со кои сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работа ќе треба да приложат потврда за примена најмалку една примена вакцина, негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде направен на сопствен трошок, потврда за прележан Ковид не постар од 45 дена или потврда од лекар специјалист дека не можат да примат вакцина поради ретки имунолошки состојби.

 

Поврзани содржини