СИНДИКАТИТЕ СЕ ПОВИКУВААТ НА АНКЕТА ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МИНИМАЛЕЦ НА 600 ЕВРА Владата одговори дека треба да се почитува законот

ССМ објави анкета според која 45,2% од анкетираните работници бараат минималната плата да изнесува 600 евра, а ако не се добие износот, половина од нив се подготвени да протестираат.

305

Сојузот на синдикатите (ССМ) денеска побара минималната плата да се зголеми  интервентно до крајот на годинава на 600 или 700 евра, повикувајќи се на анкета на работниците во земјава. Владата, пак, се залага за зголемување на минималната плата според законските критериуми еднаш годишно во март, а за интервентно зголемување очекуваат да се договорат синдикатите и работодавачите.

Анкетата ССМ е направена на 11 и 12 овој месец на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници.






На прашањето „Колку треба да изнесува минималната плата“, од вкупниот број испитаници 45,2% одговориле дека минималната плата треба да се зголеми на 600 евра, 42% сметаат дека минималната плата треба да изнесува 700 евра, а 12,8% дека таа треба да изнесува 500 евра.

Најголем дел односно 99,5% од испитаниците сметаат дека зголемувањето треба да се случи до крајот на годинава.

Доколку не се зголеми минималната плата, 52,8% од испитаните работници се подготвени да протестираат, а 47,2% да штрајкуваат.

Образложувајќи ја анкетата од ССМ заклучуваат дека:

– Барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку потреба на работниците во Македонија.

Од владата, пак, со став дека минималната плата треба да се зголемува во рамки на законот за минимална плата и тоа еднаш годишно во март според утврдените критериуми: – една третина од порастот на просечно исплатената плата во земјата, – една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Вчера, министерот за економија Бесар Дурмиши, а денеска и премиерот Христијан Мицкоски изјавија дека минималната плата ќе се зголеми согласно закон во март.

За можноста од интервентно зголемување, премиерот рече дека  ќе зависи од договорот меѓу синдикатите и работодавачите, а министерот изјави дека интервентното зголемување на минималецот нема да можат да го издржат компаниите и ќе има отпуштање од работа.

– Знам дека во ноември ќе имаме седница на Економско-социјалниот совет и очекувам тоа прашање да се отвори таму така што ние како Влада ќе го прифатиме секое решение кое што ќе го договорат работниците и работодавачите – изјави Мицкоски по свеченоста на која беше одбележана 25-годишнината на Фондот за здравствено осигурување.

Поврзани содржини