СИНДИКАТИТЕ ГИ ПОЧНУВААТ БЛОКАДИТЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ Пратениците први ќе мора пеш да стигнат на работа

ССМ најави блокади за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување од 100 евра на другите плати.

533

Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) утре ја почнува серијата од блокади на институциите  со цел да издејствува минимална плата од 600 евра и зголемување на останатите плати за 100 евра.

Првата блокада, како што соопшти ССМ, ќе се одржи утре пред Собранието со почеток во 9 часот. Притоа ќе бидат блокирани улиците 11-ти Октомври и Даме Груев. За време на протестот ќе биде обезбедено непречено движење за потребите на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и на полицијата.






– Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците- велат од ССМ.

Синдикатите им забележуваат на пратениците дека цела година молчат за предлогот за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати.

-Тие се глуви на работничките барања за зголемување на работничките плати, а работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79% зголемени плати кои дополнително ќе се зголемат за 12,6 % доколку Уставниот суд  ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2% колку што пресмета Гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8% зголемување на нивните плати. Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 евра за работниците е срамно – наведуваат од синдикатите.

По блокадата на Собранието ССМ најави и блокада на Стопанската комора и владата.

ССМ се одлучи на блокади откако не успеа на Економско–социјалниот совет да се избори за зголемување на платите, посебно на минималната бидејќи работодавачите, како што самите изјавија, не се финансиски подготвени да издржат вакво зголемување на платите, а владата се изјасни дека ќе го поддржи секој износ на минимална плата што ќе договорат синдикатите и работодавачите.

Владата соопшти дека во март, ако двете засегнати страни  не се договорат поинаку, минималната плата ќе порасне соодветно за законските критериуми.

Поврзани содржини