Синдикати и здруженија бараат кривична одговорност за фирмите кои им ја скратија државната помош на работниците
Според нив, во иднина сите финансиски мерки за помош и поддршка на работниците да им се исплаќаат директно на работниците, а не на работодавачите, за да се избегнат вакви и слични злоупотреби.
Шест синдикати и 5 здруженија на граѓани кои се грижат за чивековите права бараат институциите да преземат мерки за казнување на работодавачите кои зеле државна помош, а не ја исплатиле на работниците.
– Целта на државната финансиска поддршка утврдена со владината уредба за справување со кризата предизвикана од ковид-19 беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме – велат тие.
Според нив ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано и затоа бараат УЈП без одложување и во најкус можен рок согласно своите законски овластувања да изврши присилна наплата на платите на работниците во фирмите кои добиле државна финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на плати во месеците за кои ја земале поддршката или исплатиле помалку плата за овие месеци.
– УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд, а согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување на споменатите работодавачи да им изрече глоба за сторен прекршок и да ги задолжи работодавачите да ги вратат добиените државни финансиски средства – велат синдикатите и здруженијата.
Тие бараат Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас против сите работодавачи кои добиле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите работодавачи за сторено кривично дело измама по чл. 247 од Кривичниот законик.
Од владата се бара јавно да ги објави фирмите кои ја користеле државната финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени.
Според нив, во иднина сите финансиски мерки за помош и поддршка на работниците да им се исплаќаат директно на работниците, а не на работодавачите, за да се избегнат вакви и слични злоупотреби.
На барањата се потпришани Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Независен академски синдикат (НАкС),Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ),Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ) и Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС) како и Хелсиншки комитет за човекови права, Здружението на граѓани „Гласен Текстилец“, Левичарско движење „Солидарност“,ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена и Субверзивен фронт.