„Синами“ ја купува „Еконет“

Аквизицијата доаѓа по најавите на „Синами“ за нејзин раст и проширување, како по бројот на вработени, така и за развој на нови напредни софтверски решенија и продукти.

342

Од април 2021 година, македонскиот ИТ пионер „Еконет“ преминува во сопственост на реномираната ИТ компанија „Синами“, која веќе 20 години успешно делува на домашниот, но и на меѓународните пазари. Аквизицијата доаѓа по најавите на „Синами“ за нејзин раст и проширување, како по бројот на вработени, така и за развој на нови напредни софтверски решенија и продукти.

Од „Синами“ и „Еконет“ велат дека спојувањето отвора нови можности и перспективи за освојување нови меѓународни пазари.






-Проширувањето на „Синами“ кој од неодамна функционира како самостоен бренд е само логична последица на нашата бизнис стратегија за раст на компанијата. Имаме навистина огромен потенцијал и верувам дека овој чекор само дополнително ќе придонесе за исполнување на нашата амбициозна визија за развој. Располагаме со силни човечки ресурси, односно добро подготвен и мотивиран кадар со повеќедецениско искуство на кој сега му се придружува и нов тим од висококвалификувани ИТ професионалци, па сигурен сум дека со овој состав ќе го одржиме растот кој веќе го имаме во Европа и Северна Америка, но и ќе продолжиме со освојувањето нови пазари – вели Бојан Тасевски, извршен директор на „Синами“.

Иво Лазаревиќ од „Еконет“, пак, смета дека спојувањето е нов почеток кој отвора можност за уште поуспешно делување во ИТ секторот.

– Повеќедецениското искуство кое го носат нашите кадри ќе обезбеди дополнителна вредност за тимот на „Синами“ во справување со динамичното темпо на работа, а со примена на нашите вештини, сигурен сум дека ќе придонесеме и во континуираниот развој на нови, напредни производи – вели  Лазаревиќ.

Компанијата „Еконет“, инаку, е еден од ИТ пионерите на македонскиот пазар основана во 1999 година, која се позиционираше како прв и единствен овластен дистрибутер на продуктите од реномираниот глобален бренд Cisco за Македонија, Албанија и Косово, а потпирајќи се на своето искуство во дистрибуцијата на софистицирана ИТ опрема, подоцна стана овластен дистрибутер и за уште еден светски бренд – Microsoft.

„Синами“ е софтверска компанија која делуваше речиси 20 години во рамките на „Сеавус“, а по аквизицијата на „Сеавус“ од страна на чешката групација АРИКОМА, компанијата се издвои како нов, самостоен бренд. Во клиентите на „Синами“ денес се вбројуваат дури 70% од најуспешните Fortune 500 компании, како Airbus, Rolls Royce, McLaren, SAP, Tesla и слични профили на клиенти од различни индустрии со просечен број од 40.000 вработени.

Поврзани содржини