Син му нафрла тендери на татка си од битолскиот затвор
Плусинфо го контактираше и советникот на директорот на битолскиот затвор, но тој не беше расположен да одговори дали можеби знае зошто токму фирмата на татко му била избрана за најповолна за склучување договор за јавна набавка, како и дали во случајов постои судир на интереси со оглед на работната позиција што тој ја има во битолскиот затвор.
Битолскиот затвор во ноември минатата година склучил договор со приватна компанија од Битола за набавка на градежен материјал за потребите на затворот во вкупна вредност од 212.000 денари. И овде нема ништо спорно, со оглед на тоа што во документот уредно се наведени цените на секој градежен материјал посебно, а исто така таму е посочено и дека набавката се врши од сопствените приходи на установата, согласно отворената постапка за прибирање понуди и со објавување оглас во Електронскиот систем за јавни набавки.
Но, како што тврдат наши извори од затворот, кои ни го испратија Договорот за јавна набавка склучен на 20.11.2020 година, спорно е тоа што сопственикот на фирмата од којашто бил набавен градежниот материјал е во блиска роднинска врска со вработен во битолскиот затвор, односно со советникот за управно-правни акти во оваа установа.
Зошто токму со таа компанија бил склучен договорот вреден над 3.000 евра и дали овде постои конфликт на интереси, го прашавме директорот на битолскиот затвор Драган Крајовски, кој, пак, само кратко ни одговори дека процедурата си течела регуларно.
Тој одбегна да даде конректен одговор дали во случајов постои конфликт на интереси со оглед на тоа што вработениот во затворот е син на сопственикот на фирмата од којашто се врши набавката, но од друга страна, пак, не негираше дека лицето коешто му го посочивме е вработено во затворот.
– Си постои Комисија за јавни набавки и јас немам никакво влијание кога станува збор за изборот на фирми преку коишто се вршат набавките. Точно е дека лицето коешто го спомнавте е наш вработен, но во конкретниов случај не е направен никаков прекршок. Набавката на градежниот материјал помина преку електронска аукција и преку Бирото за јавни набавки, а тоа значи дека ниту еден филтер не е заобиколен – изјави Крајовски.
Плусинфо го контактираше и неговиот советник, но тој не беше расположен да одговори дали можеби знае зошто токму фирмата на татко му била избрана за најповолна за склучување договор за јавна набавка, како и дали во случајов постои судир на интереси со оглед на работната позиција што тој ја има во битолскиот затвор.
И ова не е прв пат битолскиот затвор да склучи договор за набавка на градежен материјал со истата компанија. На 12.03.2018 година, битолскиот затвор набавил дрвена граѓа во вредност од 86.176 денари.
Нашите извори коишто ни ги испратија документите најавуваат дека овој случај наскоро ќе биде пријавен во Антикорупциската комисија.
Инаку, во член 5 во Законот за спречување на судир на интереси јасно е наведено дека „службеното лице не смее да влијае за донесување одлука по јавни набавки или на кој било начин да ја користи положбата за да влијае за донесувањето на одлуката со цел да постигне приватен интерес или корист за него или за негови блиски лица“.
Во истиот Закон, но два члена поназад, пак, објаснето е што значи терминот „блиски лица“.
„Блиски лица се лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврти степен, посвоителот и посвеникот, роднините по сватовство до втор степен, како и секое физичко или правно лице со кое службеното лице има приватен интерес“, наведено е во член 3 во Законот за спречување на судир на интереси.