Симптоми на ковид-19 за кои никој не зборува
Преживеаните чувствуваат во себе вина, страв и срам. Треба да се зборува отворено за психолошките импликации по инфекцијата со ковид-19, исто како што се зборува и за физичките. Зад статистиката и зад бројките се човечки суштества. Кашлањето ќе помине, осетот за мирис и вкус ќе се врати, но менталната лузна ќе остане засекогаш.
Во почетокот на јули на д-р Инбар Коен ѝ бил дијагностициран ковид-19 во мал град во јужен Израел. Таа прво помислила на своите пациенти. Д-р Коен е психолог во приватна клиника, а пред да биде тестирана се сретнала со десетици пациенти. Сите средби биле одржани со почитување на мерките, дистанца и маска. Таа не ги открила имињата на пациентите на Министерството за здравство за да ја зачува нивната приватност, но им се јавила самата на сите со кои била во контакт да ги извести за да одат во изолација, пишува порталот Елементал.
– Првите 24 часа ги поминав во јавувања на пациенти и пријатели за да им кажам дека сум позитивна и дека треба да одат во изолација. Беше ужасно. Ден пред да се тестирам се возев во автомобил со блиска пријателка која беше бремена. Се возевме кратко, но не ги почитуваме целосно мерките. Најголем страв ми беше дека неа сум ја заразила, не можев да спијам ноќе. Тоа е едно грозно чувство. За среќа, не заразив никого, но самото тоа што требаше луѓе да одат во изолација, да изгубат работни денови и пари е страшно чувство на вина – вели таа.
Срам, страв и вина
Калшање, температура, губење на осетот за вкус и мирис – сето тоа се симптоми познати за ковид-19. Во последно време се забележува и друга група симптоми: ментални тегоби предизвикани од болеста. Овие симптоми не се предизвикани од биолошката реакција на нашиот мозок на вирусот, туку се индиректна последица од ковид-19. Многу од тие кои го прележале вирусот ги делат истите ментални предизвици произлезени од болеста. Особено срам, страв и вина.
– Ми го дијагностицираа вирусот пред две недели. Во почетокот се чувствував како да имам настинка, а по три дена изгубив осет за мирис и се тестирав. Многумина од моето семејство мораа да одат во изолација поради мене. Моравме да ја откажеме прославата за 70. роденден на дедо ми. Тоа направи да се чувствувам страшно – вели лице именуван со прекар Ник поради тоа што сака да остане анонимен.
Тој потоа ги информирал луѓето со кои бил во контакт. Тие ги информирале луѓето со кои тие биле во контакт. Кругот се ширел и со секој нов круг стравот на Ник растел.
За тоа време Ник седел во изолација, во празна соба, не можел да ги оттргне мислите од тоа како влијаел врз неговите најблиски.
– Подоцна дознав дека сум ја заразил и мојата девојка. Нејзиниот татко е во високоризична група и бев сосема исплашен од помислата дека тој ќе се разболи поради мене. Помислив на тоа како тој ќе умре и не можев да го поднесам тоа – вели Ник.
Дорон Баинхорн сведочи дека за него ова биле најтешките симптоми на болеста.
– Беше потешко од кашлањето, температурата, изолацијата. Постојано во мислите ми беа сите што требаше да одат во изолација поради мене. Постојано им се јавував и ги прашував како се. Ноќе не можев да спијам сѐ додека сите не добија негативен резултат. Не ме напушташе помислата дека сум ги заразил родителите на сопругата. Притисокот беше убиствен. Бев целосно престрашен – вели Баинхорн.
Година на опасно живеење
Оваа година беше тешка за секого. Финансиската несигурност, стравот од пандемијата, вестите во медиумите и постојаните разговори за тоа направија сите да ја доживеат пандемијата со ковид-19 со стрес и страв. Дури и луѓето кои имаат среќа да се богати и вработени, чувствуваат вина за нивните околности.
Како дополнение на сите овие чувства, тие што прележале ковид-19 носат екстра тежок товар. Во студија направена во Милано, Италија, 402 пациенти со ковид-19 биле надгледувани откако излегле од болница. Од нив, 28% покажале симпотми на посттрауматски стрес, 31% страдале од депресија, 40% имале несоница и 42% анксиозност. Вкупно, 56% од учесниците манифестирале најмалку едно ментално нарушување по болеста.
Слични примери има во целиот свет.
– Луѓе некогаш полни со дух, по излекувањето страдаат од длабока депресија. Сите ја изгубиле радоста кон животот, изгубиле секаква мотивација, седат пред мене и не можат да престанат да плачат – сведочи д-р Гај Чошен, шеф на одделот за пост-ковид-19 во Медицинскиот центар Сураски во Тел Авив.
Сѐ уште се нови истражувањата во врска со овој феномен. Помалку се зборува за нив, отколку за физичките симптоми. Како и да е, сосема е јасно дека ковид-19, без преседан, носи ментални здравствени предизвици.
Досега непозната реалност
И додека социјалните работници кои работат со пациенти со ковид-19 се тренирани да работат со комплексни кризи, вклучително и трауми и терористички напади, пандемијата предизвика непозната реалност под рестриктивни околности.
– Имавме пациентки, мајки на мали деца, кои додека беа во болница постојано беа зафатени да купуваат онлајн за нивните семејства. Тие имаа емотивна тешкотија – да не се во можност целосно да дејствуваат како родители и се обидуваа да надоместат. Самото хоспитализирање поради ковид-19 е полно со ментални потешкотии. Пациентот е изолиран од семејството, а понекогаш и од работата. Тоа е навистина мошне исцрпувачко емотивно искуство – вели д-р Сигал Гат-Лазер, психолог од Медицинскиот вентар Шеба во Тел Авив.
Едно од главните прашања со кое треба да се справат заболените од ковид-19 е како општеството ги гледа и ги третира откако се дијагностицирани. Д-р Орен Тене, шеф на психијатрија на болницата Ичилов во Тел Авив објаснува:
– Постои стигма. Луѓето се плашат дека ќе бидат социјално етикетирани дека не ги следеле препораките или дека не биле доволно внимателни. Постои елемент на срам да се биде болен.
Лице со прекар Шаун сведочи дека негов добар пријател му бил мошне лут поради тоа што се разболел.
– Се сретнавме неколку дена пред да се тестирам. Тој требаше да го одложи запросувањето на неговата девојка откако му беше кажано дека треба да оди во изолација. Оттогаш не ми зборува – вели тој.
Соочувањето со лутиот пријател не бил единствениот извор на страв на Шаун. Справувањето со љубопитноста на луѓето била исто така стресна.
– Луѓето што ги знам ме третираа како лабораториско глувче. Десетици луѓе со кои не сум контактирал со години ми се јавуваа и ме испрашуваа за болеста. Луѓето се љубопитни, исплашени, но не разбираат дека сте болен и дека треба да се борите со вирусот. Тие повици многу ме потресуваа – вели тој.
Лице со прекар Енди сведочи дека и по неговото оздравување луѓето се плашеле да му се доближат. Тоа ме правеше депресивен, вели тој.
Вината на преживеаните
Во земји во кои има висока смртност, има пациенти кои го прележале вирусот, а кои страдаат од „вина на преживеаните“.
– Најтешкиот дел за мене беше да гледам колку луѓе починаа од ковид-19. Се прашував зошто јас преживеав а другите починаа – рече Кристофер Маршал од Тексас за Си-Ен-Ен.
Некои стручњаци тврдат дека опаѓањето на менталното здравје поради инфекцијата со ковид-19 е посложена и потенцијално поштетна кај млади и кај тинејџери.
– Сум видел многу деца позитивни на ковид-19 кои биле отфрлени од другите деца. Особено сѐ повеќе тинејџери ја кријат нивната изложеност на стравот дека ќе бидат отфрлени од нивните пријатели, чиј број опаѓа поради карантинот – вели Розеан Капана-Хоџ, лиценциран советник за ментално здравје од Конектикат, САД.
– Мојата внука беше позитивна и мина низ мошне сложен период со нејзините пријатели. Некои родители од училиштето дури ѝ се јавуваа на нејзината мајка да ѝ се жалат и да ја осудуваат – вели д-р Коен.
За да ѝ помогне на внуката и на другите тинејџери, д-р Коен испечатила летоци со објаснување дека тие што први се тестирале не значи дека и први се заразиле.
Децата кои биле инфицирани со ковид-19 можат да се соочат со притисок од врсниците, вознемирување и злоупотреба во училиште. За да се спречи ова потребна е правилна едукација за однесувањето на вирусот и за трансмисијата.
Што треба да се преземе?
Според стручњаците, мора да го смениме дијалогот за да го зголемиме разбирањето дека инфекцијата со вирусот не е вина на заболениот.
– Тешко дека има вирусно заболување со вакви ментални и социјални последици врз пациентите. Во последните години тоа е само инфекцијата со вирусот ХИВ – вели д-р Чошен.
Треба да се зборува отворено за психолошките импликации по инфекцијата со ковид-19, исто како што се зборува и за физичките. Треба да им биде јасно на тие што го преживеале вирусот дека не се сами. Треба да се води сметка за нив. Треба да се запомни дека зад статистиката и зад бројките се човечки суштества. Кашлањето ќе помине, осетот за мирис и вкус ќе се врати, но менталната лузна ќе остане засекогаш.