Симовски бара уште попишувачи и инструктори
Државниот завод за статистика објави дополнителен конкурс за избор на кандидати.
Државниот завод за статистика објави дополнителен јавен конкурс за ангажирање лица кои ќе учествуваат во спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во периодот 1 до 21 април во својство на реонски попишувачи и реонски инструктори.
Потребниот број на реонски попишувачи и реонски инструктори ќе се изберат по пописни реони и според јазикот на кој ќе се врши попишувањето. При изборот на кандидатите кои се пријавиле за реонски инструктори ќе се има предвид етничката структура на населението во соодветниот пописен реон. Од избраните кандидати за реонски попишувачи по пописни реони ќе бидат избрани 10 процент повеќе резервни попишувачи од табелата-колона за вкупно попишувачи.
Кандидатите кои ќе се пријават на овој конкурс треба да се државјани на Република Северна Македонија, да се полнолетни, да имаат завршено најмалку средно образование и да немаат засновано работен однос. Од дополнителни услови се бара познавање на работа со персонален компјутер и познавање на соодветниот јазик на заедницата во пописниот реон.
Изборот на пријавените кандидати ќе се врши по пат на тестирање (проверка за познавање на општи работи од областа на статистиката и познавање на работа со персонален компјутер), кое ќе се спроведе во седиштата на комисиите на пописните реони за кандидатите кои имаат место на живеење во соодветниот пописен реон.
Кандидатите, својата намера да учествуваат во Пописот ја изразуваат исклучиво преку пополнување и доставување на електронска пријава која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика: https://www.stat.gov.mk/popis/PrijavaPopis2021.aspx (пријава на македонски јазик) и https://www.stat.gov.mk/popis/PrijavaPopis2021_al.aspx (пријава на албански јазик) во периодот од 3 до 7 март 2021 година.
Изборот на кандидатите кои ќе бидат ангажирани ќе го изврши Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски по предлог од надлежната работна група формирана за секој пописен реон.
Изборот од пријавените кандидати ќе се изврши во рок од три дена по тестирањето, а списокот на избраните кандидати ќе биде објавен на веб-страниците на Државниот завод за статистика.